Ковачевски: Со зголемувањето на минималната плата се подобрува квалитетот на живеење во земјата
Вработените во „Текстил Солушн“, но и самата компанија во пракса ќе ги искусат придобивките од постигнатиот договор за зголемување на минималната плата на ниво од 18.000 денари со коe 80 000 работници во земјава, меѓу кои и вработените во оваа фабрика ќе имаат придобивки кои ќе значат подобрување на нивниот животен стандард, порача премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на компанијата заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
-За голем дел од вработените во „Текстил Солушн“ повисоката нето плата за околу 45 евра месечно ќе значи зголемување на домашниот буџет, а со тоа и зголемување на животниот стандард. Од друга страна, пак, за менаџментот на компанијата е од огромна важност фактот што државата ќе го субвенционира делот којшто е поврзан со придонеси со што се олеснува процесот за сите засегнати страни. Воедно задоволен сум што оваа мерка влијае позитивно и на останатите плати во другите индустрии со што целокупно се подобрува квалитетот на живеење во земјата, рече Ковачевски.
Нагласи дека Владата уште посилно ќе продолжи да ја помага економијата и да создава услови за раст на платите и потенцира дека и во година на светска криза остануваат фокусирани и на финансиска поддршка на граѓаните, но и на стопанството на кое, како што истакна, државата ќе му е партнер и ќе работи посветено и ефикасно на подобрување на деловниот амбиент.
-Оваа компанија покрај тоа што ги исплаќа редовно платите на своите вработени, има клиенти во најразвиените западноевропски држави. Корисник е и на другите економски мерки коишто државата ги нуди на располагање на домашните компании со изедначувањето со странските компании. „Текстил Солушнс“ е една од тие компании која што го унапреди својот производствен процес со нови машини преку вложување во нови инвестиции заедно со поддршка на државата и на тој начин не само што ја зголемува минималната плата на вработените, туку ја зголемува и продуктивноста и отвора нови пазари за својата компанија, посочи Ковачевски.
Потсети дека во 2014 година минималната плата изнесуваше 8.800 денари, а во март годинава, додаде, ќе изнесува 18 илјади денари, односно ќе биде повеќе од двојно повисока.
-Иако навидум сите позиции при почетокот на преговорите изгледаа спротивставени, сепак преку отворен дијалог и меѓусебно разбирање успеавме да дојдеме до заедничко решение за повисока минимална плата, но и за методологија во која континуирано ќе расте. Исто така, дефиниравме дека нивото на минималната плата нема да биде пониско од 57 проценти од просечната плата. Ова значи дека растот на минималната плата во иднина ќе биде возможен без дополнителни интервенции и очекуваме многу брзо таа да ја надмине и сегашната договорена сума, појасни Ковачевски.
Се залагаме, потенцира, за унапредување на животниот стандард, а тоа го потврдуваат и бројките за раст на просечната нето плата, зголемената социјална помош, детскиот додаток, образовниот додаток, стипендиите, како и редовното законско усогласување на пензиите.
-Веќе имавме едно зголемување на пензиите во јануари оваа година од 2,9 проценти со усогласувањето. Започнавме анализи за дополнително покачување и наскоро може да очекуваме повторно зголемување на пензиите, потенцира премиерот Ковачевски.
Генералната менаџерка Маријана Ацески Томовска посочи дека „Текстил Солушн“ е млада иновативна компанија и е продолжение на семејната компанија „Златекс“ која постои веќе 32 години, како на македонскиот така и на европскиот пазар, што сега ја предводи заедно со нејзиниот брат Дарко.
-Како семејна компанија најголема вредност даваме на односот кон вработените и се водиме со мотото дека доколку се задоволни вработените ќе бидат задоволни и нашите купувачи. Ние сме специјализирана компанија за производство на висококвалитетна заштитна облека како што се водонепропустливи јакни и панталони што ги носат германските и англиските војски, полиција, царина, германската пошта, ДХЛ и пожарникари. Специфичноста на тој продукт, како и законската обврска на европските компании да ги заштитуваат своите вработени направи оваа двегодишна криза настаната од КОВИД да ја пребродиме со полесни осцилации, рече Ацески Томовска.
Сега, додаде, се наоѓаме пред уште еден голем предизвик за нас, а тоа е зголемувањето на цената на енергетските ресурси и зголемувањето на минималната плата.
-Зголемувањето на минималната плата ќе се реализира, ќе го реализираме согласно најавата. На сметка на тоа, нашата цел е да ја зголемиме продуктивноста, да освојуваме нови пазари, да ја развиваме и усовршуваме нашата технологија што ја добивме претходната година со поддршката од Фондот за иновации. Дополнително, целта е платата да порасне, да не останеме на минималната, туку да можеме да даваме на сите вработени просечна, дури и натпросечна нето плата, посочи Ацески Томовска.
Вработениот Полико Авдиу, кој е шивач во компанијата, истакна дека претходно 18 години работел во Германија, а пред осум години се вработил во „Текстил Солушн“ каде, како што кажа, наишол на исти услови како во Германија.
-Ги гледам младите викаат одиме во Германија ама и животот таму не е како што мислиме ние. Јас сум задоволен тука. Минималната плата од 18 илјади мислам дека не е многу, ама за еден скромен живот ќе помогне. Мислам дека и понатаму ќе растат платите ако работиме повеќе, рече Авдиу.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа