Ковачевски: Со владините мерки цените на основните производи ќе се намалат до 10 отсто

Власта не бега од предизвиците, туку е посветена на нивно решавање, да не страда народот и да не трпат компаниите и со новите мерки што ќе се преземат очекуваме намалување на цените на основните производи и до 10 отсто, изјави вечерва во Прилеп, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски од граѓанската трибина „Силно и одлучно кон иднината“.

– Последната мерка на Владата која наскоро започнува со реализација е мерката за субвенционирање на цената на струјата за прехранбената индустрија. Со оваа мерка компаниите кои произведуваат масло, млеко и млечни производи, житарки и леб од сега ќе плаќаат пониски сметки за струја, но ќе мора да ги намалат и цените на финалните производи. Според првичните проценки, очекуваме намалување на цените на основните производи и до 10 проценти, изјави Ковачевски.

Тој информира дека производството на струја е максимилизирано и веќе неколку денови ЕСМ произведува електрична енергија што задоволува 100 отсто од домашните потреби.

– Бидете спокојни, струја ќе има доволно и постојано за целиот период од кризата, но треба и секој од нас да покаже рационалност и да штеди, нагласи Ковачевски.

Тој потенцирале дека уште во првите денови од неговиот мандат минималната плата беше покачена на 18.000 денари, што е двојно повеќе отколку минималната плата во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога изнесуваше под 9.000 денари.

– По новата методологија пензиите за шест месеци ги зголемивме за рекордни 10 отсто. Следното зголемување кое се очекува да изнесува повторно околу шест отсто ќе се случи во март 2023 година, со што за една година ќе имаме вкупно покачување на пензиите за 16 отсто, додаде претседателот на СДСМ.

Тој најави дека во претстојниве четири месеци финансиски ќе бидат помогнати над 200.000 граѓани.

– Пензионерите со пензии до 14.000 денари, самохраните родители, примателите на гарантирана минимална помош, стечајните работници, ќе добиваат помеѓу 1.500 и 3.000 денари во следните четири месеци како помош да се справат со кризата. Сосема различен пристап од антидржавниот и деструктивен однос на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кој гласи: кочење, блокади и фабрикување лаги и невистини, додаде Ковачевски.

28.10.2022 - 22:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега