Ковачевски: Планирам средба во Собранието за да ги договориме сите детали за изборите

Премиерот Ковачевски вели дека се водат разговори со  политичките партии за претстојните избори. Според него, во мај има доволно време за да се организираат редовни и претседателски и парламентарни избори. Рече дека планира средба во Собранието на која ќе се дефинираат сите детали за изборите.

-Во однос на техничката влада таа е законска обврска, така што се подготвувале или не се подготвувале на 100 дена пред одржување на изборите согласно Законот за влада којшто е важечки во државата има техничка влада и исто така и тој закон се носи со консензус помеѓу политичките партии во Собранието. Во однос на финалните одлуки коишто ќе треба да бидат донесени во врска со одржувањето на изборите се работи за две одлуки. Едната е прво промена на Изборниот законик преку внесување на сите забелешки од ОБСЕ/ОДИХР, на тоа работи работна група. Во почетокот беше работна група во која што учествуваа експерти и претставници на политички партии во Собранието, меѓутоа сега се вклучени и политички партии од власта доминантно, меѓутоа се вклучени и опозиционите партии и мислам дека за многу краток период ќе имаме изборен законик којшто ги вклучува сите одредби од забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и којшто ќе овозможи продолжување на одржување на демократски избори во државата какви што ги имавме во изминатите циклуси, а за разлика од оној 11-годишен период кога изборите беа окарактеризирани како недемократски, рече Ковачевски.

-Во однос на одржување на изборите планирам некаде во текот на наредниот период, бидејќи декември нуди таква можност да се одржи една средба во Собранието на која што ќе можеме да ги дефинираме сите детали во однос на одржувањето на изборите. Така како што се правело во минатото ќе биде направено и сега и идната година Северна Македонија ќе оди на избори така како што е пропишано и со закон и со Устав, вели премиерот.

23.11.2023 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега