Ковачевски: Јас не сум ничиј човек, туку човек со интегритет и големо професионално искуство

СДСМ треба интензивно да ја спроведува европската агенда, но не може да очекуваме дека ЕУ или некој друг ќе ни ги реши проблемите. Приоритет мора да е домашната политика, подигање на животниот стандард на граѓаните, јакнење на економијата. Ова во интервју за МИА го вели Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, кој вчера изјави ќе се кандидира за лидер на партијата, откако социјалдемократите во петокот ја утврдија оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и распишаа внатрепартиски избори по пат на непосредно гласање што ќе се одржат на 12 декември.

На обвинувањата на опозицијата оти е „маша“ во рацете на Заев, Ковачевски вели оти не е ничиј човек, туку, како што изјави, „човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ“ и оти како долгогодишен член на СДСМ ја очекува поддршката од многу сопартијци, актуелни и минати функционери. Ковачевски додава дека СДСМ секогаш била и мора да остане партија која обединува.

– Во овој процес многу е важно да го зајакнеме единството и да го мотивираме секој член да се приклучи на промените. Верувам дека со нова стратегија и реорганизација на партијата брзо ќе ја вратиме и зголемиме поддршката. Јас сум ослободен од внатрепартиски поделби и игри кои ги сметам за многу непродуктивни. Јас верувам дека можеме да ја вратиме поддршката веќе на следните избори, но само доколку граѓаните и членовите на СДСМ ја видат потребната промена во партијата и начинот на раководење и во Владата и во самата партија, вели тој во интервјуто за МИА.

 

28.11.2021 - 13:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа