Ковачевски ја повика Бугарија да ги признае правата на Македонците

Премиерот Димитар Ковачевски ја повика Бугарија да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права, во кои е утврдено дека се повредени правата на Македонците во нивната земја. Тој посочи дека бугарските власти треба да ги почитуваат правата што ги имаат граѓаните Македонци, а живеат на нивна територија.

„Ние апсолутно секогаш сме реагирале во однос на сите граѓани што во која било друга држава се самоопределуваат како Македонци. Македонци има насекаде во светот. Вие знаете дека постојат и пресуди на Судот на човекови права, кои Бугарија ги нема спорведено. Ги повикувам бугарските власти – и тие да постапат бидејќи станува збор за земја членка на ЕУ. И тие луѓе што се граѓани на Бугарија и се самоопределуваат како Македонци се граѓани на ЕУ. Уште еден повик да бидат почитувани сите права, исто како што се почитуваат кај нас на сите што се самоопределуваат поинаку од Македонците“, рече Ковачевски.

Во извештајот на Стејт департментот се посочува дека Бугарија ја негира регистрацијата на етничко македонските активистички групи, како што се Обединета македонска организација – „Илинден“, Обединета македонска организација – „Илинден Благоевград“ и Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор. Се додава дека и ова се прави иако Европскиот суд веќе констатирал дека ним им се крати слободата на здружување.

24.03.2023 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега