Ковачевски: Историски скок на пензиите од 25 отсто до следниот септември

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, по одржувањето на Советот за социјална сигурност, информира за усвоеното усогласување на мартовските пензии, односно покачување од 8,4 %. На прес-конференцијата, на која присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова, претседателот на Владата истакна дека од почетокот на мандатот на оваа Влада, заклучно со септември 2023 година, пензиите ќе бидат повисоки 25 %, што е најголемо покачување досега во историјата на државата.

„Ако зборуваме во проценти, зголемувањето на мартовската пензија во согласност со методологијата, ќе биде зголемување од 8,4 %, што е и повеќе од очекуваното.

Во оваа 2023 година, освен оваа мартовско усогласување на пензиите, ќе следува уште едно во септември, усогласено според трошоците за живот и порастот на просечната плата, што значи дека за една календарска година растот на пензиите ќе биде околу 16 %. Или од првиот ден на оваа Влада, јануари минатата година, со покачувањата на пензиите, кои беа минатата година, во март и во септември, заедно со ова покачување и со покачувањето што следува во септември, пензиите ќе бидат поголеми 25 %, што никогаш досега во историјата на државата не се случило“, истакна премиерот Ковачевски.

Усогласувањето на пензиите се врши во согласност со методологијата 50 % трошоци од пораст на просечната исплатена плата и 50 % од порастот на животот на трошоците во РСМ, објасни министерката Тренчевска.

„Септемвриските пензии се усогласија во 2022 година во согласност со овој комбиниран модел од 50 % пораст на просечната плата и 50 % пораст на трошоците на живот и ја зголемивме, односно тогаш ја усогласивме пензијата за 6,8 %. Зголемувањето сега со мартовската пензија, која пензионерите ќе ја добијат на крајот на март, некаде на 27 март ќе почне исплатата на пензиите, ќе биде зголемена, односно усогласена за 8,4 % и со тоа просечната пензија од 17.666 денари се зголемува на 19.150 денари“, рече Тренчевска.

Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Трајкова, истакна дека со примената на новата методологија, која е преточена во Законот за ПИОМ, најнепосредно и директно се примени членот 37 од Законот за ПИО и пензиите ќе се усогласат со 8,4 %.

„За илустрација, во примената на таа формула во 2022 година, споредени полугодијата, порастот на трошоците за живот изнесува 10,6 %, а порастот на платите 6,2 %, што значи дека пензиите на пензионерите се зголемија 8,4 % и вака зголемените пензии ќе бидат основа за наредните зголемувања“, истакна Трајкова.

Усогасувањето на пензиите почна од септември минатата година. Септемвриските пензии се усогласија со овој комбиниран модел од 50 % пораст на просечната плата и 50 % пораст на трошоците на живот, пензиите се зголемија во висина од 6,8 %, со што пензијата од 16.348 денари се зголеми на 17.666 денари.

Со овој начин на усогласување на пензиите се овозможува реален пораст на пензиите во однос на платите, односно како што ќе порасне просечната плата, во континуитет растат и пензиите. Од голема важност за Владата се и многу успешната соработка и квалитетниот дијалог со Сојузот на здруженијата на пензионерите, заедно со експертите, ресорните министерства, пензиските друштва, партијата на пензионерите, другите коалициски партнери во Владата, со кои се направи успешна анализа со единствена цел квалитетен живот на нашите возрасни граѓани.

16.03.2023 - 18:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа