Ковачевски: Ги реализираме и инфраструктурните проекти кои поради лошо проектирање беа заглавени десетина години

Повторно зголемување на платите и пензиите, амбициозен план за инвестиции, почеток на градежните работи на Коридорот 8, автопатско решение до Албанија и меѓу Прилеп и Битола, завршување на најголемите инфраструктурни проекти, браната Коњско, автопатот Кичево – Охрид.., се само дел од активностите за оваа година, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Во изјава за медиумите по завршувањето на првиот панел од конференцијата „Година на нови можности“, Ковачевски истакна дека оваа Влада веќе ги реализира проектите кои долго време беа заглавени, а интензивно се работи и на патиштата кои не беа направени.

Премиерот рече дека ако се има посветеност, фокус и волја, инвестициите може да се реализираат.

Ковачевски е согласен со стопанските комори дека инфраструктурата е врвен приоритет за успешно развивање на економијата и бизнисите во кој било регион.

– Бизнисот има право да го каже тоа. Јас сум поминал 22 години во приватниот сектор, сум бил дел од Стопанската комора и сум личен пријател со претседателите на сите комори. Во државата беа почнати неколку клучни инфраструктурни проекти пред десетина години кои не се реализираа зашто беа лошо проектирани. Патот Кичево – Охрид почна со интензивна реализација во 2022 година, зашто 25 отсто од трасата мораше одново да се проектира. Сега има над 75 отсто реализација на овој  патен правец. Интензивно се работи и на патишта кои не беа направени. Комплетно е рехабилитиран патниот правец кај Плетвар, веќе е завршен едниот тунел во Фаришка Клисура, се пробива и вториот тунел со што ќе може да се поврзе патниот правец од Дреново до Плетвар, веќе се сменети изведувачите на магистралниот пат кон Бугарија што гарантира дека ќе бидат завршени инвестициите, го пуштивме патот Штип – Кочани, истакна Ковачевски во врска со прашањето „дали во оваа држава постои поим одговорност за доцнењето на инфраструктурните проекти“ што преку колумна го упати претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески до Владата.

Тој повтори дека минатата година, иако беше најкризна, има највисоко ниво на капитални инвестиции во историјата на државата, 465 милиони евра.

– Овој тим што сега работи докажа дека може да ги одглави проектите поради лошите претходни проектирања и да ги спроведе. Владата има одговорност пред граѓаните да ги спроведе овие проекти, подвлече премиерот. – Комплетно се согласувам со Стопанската комора дека инфраструктура на врвно ниво е еден од предусловите за успешно развивање на економијата и бизнисите во кој било регион, потенцира премиерот.

30.01.2023 - 13:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега