Ковачевски – Дендиас: Фокусирани сме на зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Грција
Премиерот Димитар Ковачевски денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Дендиас кој е во еднодневна посета на нашата земја.
За време на разговорот, како што соопшти владината прес-служба, беа потенцирани заложбите на Грција за целосен ангажман и активна поддршка на Северна Македонија во европската интеграција при што беше потенцирано дека Атина ќе продолжи со ангажманот за усвојувањето на преговарачката рамка и за формалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.
На средбата било истакнато дека Владата на Северна Македонија е фокусирана на зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји со силна посветеност за исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа и изразената подготвеност за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија.
Во таа насока на средбата биле споделени информации за текот на организацијата на вториот состанок на Советот за соработка на владите на високо ниво, како и за подготовките за одржување на првиот состанок на Комитетот за деловен дијалог кој треба да се одржи во текот на оваа година.
– Од овој состанок, на кој треба да учествуваат претставници на стопанските комори на двете земји и раководните менаџери на повеќе компании, се очекува натамошно унапредување на економските односи меѓу Северна Македонија и Грција која е четврта земја по вредноста на трговската размена која од година во година бележи постојан раст, стои во соопштението.
Министерот за надворешни работи на Грција Дендиас го издвоил посебниот придонес на Северна Македонија во градењето и зајакнувањето на регионалната соработка, стабилноста и добрососедските односи како посебно значаен аспект за регионот и пошироко.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа