Кандидатот за Градоначалник на СДСМ, Мартин Костовски, од трибината во Куманово ги повика граѓаните да ја дадат својата поддршка, најавувајќи дека време е за промени, за модерно, хумано и живо Куманово.

“Ние граѓаните доволно молчевме и го гледаме нашиот град како се претвора во нешто што не го заслужува. Нашиот кумановски Голијат носи запоставеност, поделба и страв и ветувања што никогаш не го исполни. Од оваа вечер гледам народ што се буди и од оваа вечер започнува падот на кумановскиот Голијат,” порача Костовски.

Во својата визија за општината, тој најави конкретни проекти што ќе го променат изгледот и животот во градот.

„Ќе изградиме нов Административно-деловен центар со подземна гаража. Со овој проект ќе ја олесниме секојдневната работа на граѓаните и институциите. Нема веќе маратон по шалтери, нема веќе коленичење пред администрацијата, туку брзо, ефикасно и навремено работење!“

Костовски најави и четири нови градинки во Зелен Рид, Карпош, Перо Чичо и Тоде Мендол, како и отворен пливачки базен со аква парк.

Во делот на урбаното уредување, кај село Проевце, тој најави изградба на голем семеен парк со пешачки патеки, игралишта и зелени површини. Дополнително ќе се реализира целосна реконструкција на Зелениот пазар со подземна гаража и обнова на градскиот стадион.

Во делот на инфраструктурата, Костовски порача:

„Ќе работиме за водовод и канализација во сите села. Доста беше со изговори, градоначалникот мора да менаџира, да притиска, да се бори, за секое село, за секој човек! Без основна инфраструктура нема достоинствен живот.“

Тој остро реагираше и на досегашниот пристап кон јавните работи:

„Бекатонот во Куманово, за жал, стана синоним за предизборни манипулации, поставуван без план, само за слика. Но со нас нема блеф, нема шминка. Ќе градиме со ред, по план и со одговорност!“

Костовски ги повика граѓаните да излезат на изборите:

„На 19 октомври да гласаме за број 5. Овие избори не се само избор на нов градоначалник. Гласаме за подобро Куманово, нова енергија, развој за сите и вистински почеток на промени.“

Exit mobile version