Конститутивната седница на Собранието закажана на 28 мај


Конститутивната седница на Собранието е закажана за следниот вторник, на 28 мај. Со седницата до изборот на новиот претседател на Собранието, согласно Деловникот за работа, ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку. 

Од собраниската прес-служба денеска информираа дека претседателот на Собранието Јован Митрески, врз основа на член 9 став (2) од Деловникот на Собранието, одржал состанок со претставниците на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално било одлучено конститутивната седница, по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да се одржи на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот

Претседателот Митрески ги информирал присутните дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.

Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на собранискиот претседател.

На денешниот состанок присуствувале Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ - ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина - СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

На состанокот присуствувале и Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова.

23.05.2024 - 13:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега