Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го става младиот човек во центарот на своите политики и создава услови младите да ја гледаат својата иднина дома, во своите општини, изјави Тодор Конески, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Наш приоритет е развојот на локалната самоуправа. Силни општини значат подобри услуги, побрз развој и повеќе можности за секој граѓанин затоа што локалниот развој не може да биде успешен без вклучување на младите, нивното знаење, идеи и енергија.
Токму затоа Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво -ИНОВА воспоставуваат стратешка соработка која ќе донесе нов пристап во развојот на општините преку активното учество на младите“, изјави Конески.
Ова партнерство ќе овозможи јакнење на капацитетите на општините, поголемо вклучување на младите во локалните процеси и примената на современите решенија кои ќе придонесат за поквалитетни услуги за граѓаните, додаде тој.
„Програмата „Месеци на практикантство“, ќе се реализира во текот на август и септември во соработка со државните универзитети. Преку оваа програма, студентите ќе добијат можност своето академско знаење да го применат во пракса, работејќи директно во општините.
Агенцијата ќе го координира вклучувањето на студентите, додека Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на општините и воспоставениот меморандум за соработка со државните универзитети, ќе ја организира и координира практична работа согласно реалните потреби на општинските администрации“, потенцира Конески.
„Ова не е само можност за стекнување работно искуство. Ова е можност младите директно да учествуваат во подобрувањето на функционирањето на општините. Нивните идеи, современи знаења и нови пристапи ќе помогнат во унапредување на административните процеси и услугите кои секојдневно ги користат граѓаните.
Наместо проекти кои остануваат само на хартија, локалните предизвици ќе бидат основа за конкретни повици, а ИНОВА преку своите грант-програми ќе обезбедува финансиска поддршка за стартап компаниите, иновативни бизниси и претприемачите кои ќе понудат практични и применливи решенија.
Сите програми, јавни повици и можности што ги нуди државата ќе бидат многу подостапни за граѓаните, за младите, за претприемачите и компаниите во сите региони, а не само во главниот град во земјата.
Со ова се создава врска меѓу локалната самоуправа, академската заедница, иновативниот сектор и приватниот бизнис“, соопшти Тодор Конески, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е разликата помеѓу политиката што останува само на ветувања и политиката што носи резултати. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека младите се вистински партнери во градењето на иднината на Македонија.
Продолжуваме со политики кои ќе ги поврзуваат институциите, ќе ги отвораат можностите за младите и ќе создаваат модерни, развиени и функционални општини. Нашиот пристап е конкретна работа, реални проекти и видливи резултати за секој граѓанин“, потенцира Тодор Конески, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.


