Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска присуствуваше на првиот состанок на Комитетот за јавни инвестиции, кој се одржа во Министерството за финансии.
На состанокот воведни обраќања имаа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерката за финансии и претседател на Комитетот за јавни инвестиции, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во рамки на состанокот беше разгледана Листата на предлог проектни идеи, доставена до институциите, при што се дискутираше за нивната оправданост, приоритетност и усогласеност со стратешките цели на државата. Комитетот ја усвои Листата на оценети и одобрени предлог проектни идеи, која претставува основа за понатамошна реализација на капиталните инвестиции.
Согласно утврдената процедура, по усвојувањето, Листата ќе биде доставена до Владата, со цел донесување на првата Конечна приоритетна листа на проекти за јавни инвестиции, во согласност со член 25 од Уредбата за управување со јавни инвестиции.
Учеството на заменик министерот Исени на овој состанок ја потврдува посветеноста на Министерството за внатрешни работи во процесите на стратешко планирање и реализација на јавните инвестиции, особено во делот на унапредување на безбедносната инфраструктура и институционалните капацитети.


