Комисијата за заразни болести ќе дискутира за мерката за неопходност да се примат две дози вакцини против Ковид-19

 

Мерките за заштита од Ковид-19 никогаш не биле носени од какви било политички одлуки од почетокот на кризата, од лани досега. Секогаш сме гледале низ призма на епидемиологијата, односно што е тоа што може да се препорача, или да се забрани или да се направи рестрикција. Во таа смисла, на следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде дискутирана оваа мерка за неопходност од тоа да се има две дози вакцини, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.

Целта на најавата пред три до четири недели, посочи, беше токму тоа да имаат предвид граѓаните и да имаат време да примаат две вакцини од тој момент и најавивме дека ќе биде за некаде крајот на месец октомври или месец ноември, така што очекувам таа дискусија да се одвива на следниот состанок на Комисијата и да заземат став епидемиолозите во однос на тоа.

На новинарско прашање за тоа на што се базира одлуката за после три месеци да се даде трета доза вакцина против Ковид-19, тој рече дека ги следат препораките на меѓународните институции и дека дел од нив препорачуваат тие луѓе кои се вакцинирани со „Синофарм“ малку порано ја примат третата бустер доза. Значи, појасни министерот, се уште важи препораката за шест месеци за сите вакцинирани со другите вакцини „Астра“и „Фајзер“, а ова е само за вакцините на „Синофарм“.

– Се донесе и уште една препорака, а тоа е да се скрати времето до третата доза за вакцина за граѓаните вакцинирани со вакцината на „Синофарм“ и тоа веќе се спроведува, така што вчера околу илјада пациенти беа вакцинирани со трета доза, верувам дека за тоа ќе има интерес, рече Филипче.

Очигледно е, потенцира министерот, дека огромен е процентот на заболени кои се невакцинирани и сега вирусот се шири значајно меѓу невакцинираните граѓани.

– За жал се намали значајно интересот за вакцинација. Стигнавме до некаде 800 илјади граѓани кои се вакцинирани со најмалку една доза, од нив 760 ревакцинирани, меѓутоа високиот процент докажува дека болниците ги полнат само невакцинирани граѓани. И затоа апелирам да се вакцинираат сите, мора да го заштитат здравјето, мораме постепено да ги враќаме сите процеси во нормала и исто така е еднакво важно да го заштитиме здравствениот систем. Се уште има одделенија кои се Ковид-центри, не работат со основната дејност, се уште има систем на ротација. Во ситуација кога има вакцини на располагање сметам дека тоа не треба да биде сценарио и треба да се граѓаните свесни и да се заштитат себеси и да ги заштитиме здравствените капацитети и секако кадарот кој работи во делот на своите специјалности. посочи Филипче.

Тој рече дека тие кои се јавуваат на преглед и кои кажуваат некои од карактеристичните знаци за постковид состојбата, како што е манифестација на белите дробови во смисла на наод на компјутерска томографија на бели дробови или некаква последица на срцевата акција некаква фиброза, сега е период кога се повеќе се анализираат и во светот и кај нас, се повеќе се докажуваат со специфични испитувања.

– Не само кај нас, секаде во светот е многу рано да се зборува за типични постковид компликации или последици од болести. Сепак, следи период, исто како што е ова период на анализа на самите хронични болести и за тие аспекти, додаде Филипче.

На новинарско прашање дали случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово ќе се заборави или сепак на крај некој ќе понесе одговорност, рече „не, има се уште истрага во обвинителството, така што не би коментирал за тоа ништо“

21.10.2021 - 13:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега