Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ: Конкурсот на министерството за култура заглавен во новиот електронско услужен лавиринт

Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ со статус на Фејсбук порача дека министерката за култура, Бисер Котадиновска Стојчева го прекршила Законот за култура со задоцнетото објавување на „Конкурсот од национален интерес во културата за 2023“.

Во продолжение следи нивниот статус:

„Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчева, го прекрши Законот за култура со задоцнетото објавување на „Конкурсот од национален интерес во културата за 2023“. За ова ја информиравме јавноста и сметавме дека е доблесно од наша страна да ѝ дадеме доволно време на министерката да нè убеди дека постои минимум објективна причина за ваквото доцнење, а тоа е подобрување и надградба на електронското аплицирање.

Но, во изминатиот период од десет дена, министерката патува по светот и отвора „нов" културен центар во Загреб со именувана директорка која е на оваа функција од пред две години, а културните работници мака мачат со новиот начин на аплицирање на „Конкурсот од национален интерес во културата за 2023".

Вработените во Министерството за култура не можат да дадат соодветни насоки и појаснувања бидејќи никој претходно не ги запознал со новата апликација, ниту пак им одржал некаква обука.

Накусо кажано, воведената нова услуга за аплицирање не е функционална. Корисниците трчаат по шалтерите на УЈП и министерството за информатичко општество, надевајќи се дека сепак ќе успеат да се снајдат во овој „електронско услужен лавиринт".

Министерке, цела година не успеавте да изготвите соодветна платформа за аплицирање, па моравте да се закачите на владиниот сајт на кој обврзно треба да се регистрирате со лозинка од УЈП, а потоа да го најдете линкот за често поставувани прашања кој ќе послужи како помош во целиот процес. И наместо да ја поедноставите целата постапка на аплицирање, вие создадовте хаос. Постапката на поднесување апликација на линкот uslugi.gov.mk како да има за цел да го измери степенот на нервоза кај корисникот и некако притаено да го одврати од намерата.

Која е целта на создавањето на оваа тензична состојба и отежнување на процесот на аплицирање за корисниците од областа на културата?

Министерке, доколку навистина се залагате за „култура за сите“ и „еднакви можности за сите“ тогаш ситуацијата треба да е сосема спротивна. Но, очигледно Вашите пароли се само празни и популистички флоскули, а Вие континуирано потврдувате дека сте крајно неупатена во ресорот кој го водите.

 

Оттука, воопшто не се случајни, туку напротив се сосема објективни забелешките во Извештајот на Европската комисија за 2022, кои, за жал, се повторуваат во неколку последователни извештаи како резултат на Вашата незаинтересираност, непознавање на вистинските европски потреби и интереси на македонската култура, неспособност, неукост и неможност да се реагира и интервенира во алармантно црвените точки што европските извештаи ни ги нотираат како слабости и пропусти“, велат од Комисијата.

29.10.2022 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега