Колева: Граѓаните живеат со 150 денари на ден додека владата се луксузира со два тона егзотично овошје

За речиси една година од владеењето на ДПМНЕ, не гледаме ништо позитивно, освен лошо и катастрофално водење на државата, каде што граѓаните се ставени на последно место. Додека 500 илјади граѓани живеат со 150 денари на ден, владата се луксузира со два тона егзотично овошје и бесцелни патувања низ светот со народни пари, рече Даниела Колева, претседателка на Форумот на жени на СДСМ, во гостувањето во „Студио 10“ на 24 телевизија.
Таа се осврна на животниот стандард на граѓаните, кои едвај врзуваат крај со крај, каде што нема никаква контрола врз цените кои вртоглаво растат, а власта не покажува никаква грижа за основните потреби на граѓаните, од кој било аспект.
– Во времето на владеењето на СДСМ имаше континуиран раст на платите и со тој раст стигнавме до тоа една просечна плата да покрива 90% од синдикалната кошничка. Сега, со две просечни плати не може да се наполни една синдикална кошничка. Зборуваме за најосновни потреби на едно семејство. Замислете, премиерот даде изјава во која промовираше многудетни семејства, а од друга страна, кошничката се пресметува за семејство од три члена – и ова е класична манипулација. На граѓаните не им останува ништо друго освен да се задолжуваат, затоа што со две просечни плати не може да се издржи месецот – рече Колева.
Таа потенцираше дека станува збор за основни трошоци за живот кои луѓето не можат да ги покријат, а што да се каже за сите оние што дома имаат член со попреченост, еднородителски семејства, семејства со болни од карцином, многудетни семејства, семејства со студенти и средношколци.
– Граѓаните се ставени на последно место и никој не ги прашува како живеат. СДСМ кога беше на власт донесе исклучително важни мерки. Во 2022 година над 2 милијарди евра од буџетот, без никакви кредити, беа дадени на граѓаните и на фирмите. Повратот на ДДВ беше исто така финансиска помош, како и субвенционираниот студентски оброк, регресот за годишен одмор, покачувањето на платите. Еве, во секторот за култура се чека цела недела за да се исплати плата – рече Колева.
Таа потенцираше дека власта ништо не прави за граѓаните. Немаат ниту една мерка за јакнење на стандардот на граѓаните.
– Нема зголемување на платите. Но има зголемување на цените, поскапена струја за 30%, а субвенциите кои ги имаа се укинати. Од друга страна, гледаме енормно трошење на народните пари. Власта стана како туристичка агенција – во неполни четири месеци, две-три патувања во Америка, Дубаи, приватни авиони, Будимпешта и од се ова не гледаме никаков бенефит, рече Колева.
24.04.2025 - 15:20
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа