Градоначалникот на општина Велес, Марко Колев гостуваше во емисијата Топ тема на Телма, каде што дебатираше со противкандидатот на СДС од Велес.
Колев говореше за предизвикот со потребата од голем број на паркинг места, за којшто потенцираше дека во новиот мандат, односно следните 4 години, ќе биде решен.
„Во соработка со ЈПДП, мостот кај Башино Село е веќе реконструиран, веќе имаме документација и обезбедени средства за изградба на нов мост, во близина на претходниот и секако обиколницата којашто треба да се гради некаде почетокот на 2026 година. Секако имаме и други проекти за кои имаме предвидено средства, така да ќе го решиме и овој проблем”, истакна Колев.
Исто така, во делот намалување на метежот, Колев напомена дека се вложува и во нови велосипедски патеки, за да граѓаните можат да користат велосипеди, место автомобили.
„Со поддршка на УНДП изготви техничка документација за изградба на две велосипедски патеки кои во наредните години ќе бидат изградени. Едната ќе го поврзе населеното место Поток со Св.Илија за којшто имаме документација, додека втората ќе го поврзе Којник со Вршник и да завршува во населба Тунел. Тие се двете опции кои се предвидени да бидат реализирани”, рече Колев.