Сообраќајот на државните патишта утринава се одвива по претежно суви коловози, но АМСМ предупредува на значително намалена видливост поради магла во Повардарието.

Најкритично е на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, каде видливоста е намалена на само 50 до 60 метри. Се препорачува максимално внимателно управување со возилата и прилагодена брзина.

Денеска, со почеток во 10:00 часот, жителите на село Двориште најавија протест и блокада на регионалниот пат Берово – Струмица, на местото викано „Студенецо“. Сообраќајот ќе биде во прекин, па од АМСМ апелираат возачите да користат алтернативни патни правци.

Посебна претпазливост е потребна низ клисурите и речните долини каде е можна појава на одрони, особено на делниците:

  • Катланово – Велес
  • Маврово – Дебар – Струга
  • Виница – Берово
  • Кочани – Делчево

На граничните премини во моментов нема задржувања за влез и излез од државата. АМСМ потсетува дека е на сила законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, која ќе трае сè до 15 март 2026 година.

Exit mobile version