Колапс во Хрватска: Eвтанизирани 20.000 свињи поради африканската чума

 

Од појавата на африканската свинска чума пред речиси три месеци, 20.000 од нив се евтанизирани во Хрватска, а инфекцијата зафати речиси 900 фарми, што доведе многу фармери во многу тешка ситуација, а големо прашање е дали ќе продолжи одгледувањето свињи во иднина, пишуваат тамошните медиуми.

Вонредниот професор на Факултетот за агробиотехнички науки во Осиек, Владимир Маргета, вели дека заканата за свињарството од африканската чума не се одразува само на бројот на евтанизирани свињи и затворените фарми, каде што се одгледувале.

Според него, околу два-три отсто од вкупниот број свињи во Хрватска во моментот се евтанизирани.

„Сепак, главниот проблем е што епидемијата сè уште не е под контрола и се очекува нејзино натамошно ширење во другите окрузи. Во моментот Осиек – Барањската жупанија е во најголем ризик бидејќи е дом на најголемиот број свињи во Хрватска, па затоа ширењето на епидемијата во оваа област – што е само прашање на време, ќе го нанесе најголемиот удар на целокупното хрватско свињарство“, рече Маргета.

Притоа, посочува, дека не се мисли само на бројот на евтанизираните свињи, туку на сите придружни мерки за заштита, како забраната за трговија, колење и преработка на свињи.

„Во окрузите Вуковар – Срем и Осиек – Барања се произведуваат повеќе од 40 отсто од сите свињи во Хрватска, така што оваа бројка говори сама по себе и за последиците што би ги имала врз секторот на свињарството“, предупредува Маргета.

Тој посочи дека евентуалното рестартирање на производството на моментно затворените фарми може да се воспостави во најдобар случај најрано во 2025 година, што значи дека прекинот на производството ќе биде две години.

„Искуствата на земјите што се соочија со појава на африканска свинска чума, како и нашите претходни искуства поврзани со прекин на свињарството на фармите, укажуваат дека само 15-20 отсто од производителите би се одлучиле да го обноват производството. Со други зборови, со оваа епидемија веќе неповратно загубивме стотици одгледувачи и фарми, што во иднина ќе влијае на намалувањето на вкупниот обем на хрватското свињарство, кое беше на историски минимум и пред оваа епидемија“, рече Маргета за загрепската телевизија „N1“.

Тој предупреди и на проблемот со извозот и консумацијата на свинско месо по оваа зараза, со оглед на тоа што, како што наведе, Хрватска денеска е означена на картата на Европа како жариште на африканската свинска чума и дека ќе биде речиси невозможно да се извезуваат свињи, свинско месо или свински производи, а најдобар начин е да се забрани увозот од Хрватска.

„Исто така, потрошувачката на свинско месо ќе се намали бидејќи, иако потрошувачката на свинско месо заразено со вирусот на африканската свинска чума нема негативни последици врз здравјето на луѓето, сепак психолошкиот момент за оној што го јаде е клучен и тој не сака да ризикува со такво месо. Затоа, покрај падот на производството, голема е веројатноста и да има пад на побарувачката и потрошувачката на свинско месо за што придонесува и моментно високата цена на свинското месо“, вели Маргета.

29.09.2023 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега