Кој е Камер Идризи кој вчера беше мета на престрелката во Бутел?
Камер Идризи, роден во 1978 година е лицето кое вчера загина во престрелката во скопски Бутел 2, јавува „А1он“ повикувајќи се на информации од доброупатени полициски извори.
Станува збор за лице кое ѝ е познато на полицијата, а според порталот, во престрелката тешко повреден бил неговиот внук.
Убиството се случи доцна синоќа на раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Од возило во движење било пукано во автомобил марка „голф“ во кое се превезувале Идризи и неговиот внук.
Според објавите во медиумите, пукано било од возило марка „ренџ ровер“, а испукани биле дури 80 куршуми.
Идризи бил едно од лицата врз кое беше пукано во хотелот „Александар Палас“ во 2019-та година. Тогаш напаѓачи со автоматско оружје и фантомки на лицето упаднаа во хотелот, а поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите. Полицискиот службеник пукал во напаѓачите во самоодбрана, а тогаш нападната група беше од скопско Грчец.
Во текот на денот се очекуваат детали за вчерашната престрелка која ги вознемири граѓаните на Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа