Над 650 пациенти во моментов чекаат за вградување вештачки колкови во земјава, но во трите главни јавни здравствени установи е забележан значителен пораст на бројот на овие интервенции, соопшти денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
На брифингот со новинарите беше посочено дека во периодот од 2023 до 2025 година во 14 јавни здравствени установи се реализирани вкупно 4.044 интервенции, што претставува пораст од 9,9 проценти, при што беше оценето дека Македонија е солидна во замената на колкови, но сè уште заостанува зад регионот кај колената.
„Овие бројки потврдуваат дека пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува. Следува отворање на оперативните блокови на Клинички центар и ГОБ 8 Септември и понатамошен развој на коленската артропластика“ – нагласи Клековски.
Со цел дополнително унапредување на состојбите, првиот човек на ФЗО презентираше неколку клучни препораки кои вклучуваат редовни тендери четири месеци пред истек на договорите, рамковни набавки, стандардизација на болничкиот престој и воведување на централизиран регистар со максимален рок за неитни интервенции до три месеци.
Одговарајќи на новинарски прашања околу причините за создавањето на застој во државните клиники, директорот посочи на специфични навики кај самите пациенти.
„Да, точно е, листите на чекање се такви какви што се, меѓу другото во 8 Септември и на Клинички, затоа што поединци сакаат да се оперираат кај одреден хирург, а не кај некој, кај кого можеби има слободен термин“ – одговори Клековски на новинарско прашање.
На крајот од своето излагање Клековски потенцираше дека во оваа направена анализа не се вклучени податоците за пациентите кои биле оперирани во приватните здравствени установи во државата.


