Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека бегството на Ива Михајлова во соседна Бугарија е поради најавеното доаѓање на бугарскиот лекарски конзилиум во Македонија кој, по проверката на нејзините наводи, ќе утврдел дека во случајот нема здравствена основа.

Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. ​Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното Министерство за тоа бидејќи во основа таму нема здравствен случај – вели Клековски.

Против Ива Михајлова се води судски процес во Судот во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа во текот на постапката се жалеше на дискриминација поради нејзиното двојно државјанство, македонско и бугарско, односно дека не ѝ е дозволено да се лекува во Бугарија. Нејзиниот татко, Симеон Михајлов, исто така се наоѓа во Бугарија по изречената затворска казна од 12,5 години за случајот „Детонатор“, а македонските власти во моментот имаат распишано меѓународни потерници по двете лица.

Претходно, шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за време на посетата на Софија изјави дека Македонија е подготвена да дозволи бугарски медицински специјалисти да ја посетат и да се запознаат со нејзиното здравствено лекување.

Муцунски нагласи дека случајот има два одделни аспекти – судската постапка во која извршната власт не може да се меша и нејзината здравствена состојба за која македонските власти покажале подготвеност за соработка.

Exit mobile version