Собранието денеска ќе ја одржи 125. седница, на чиј дневен ред се 25 точки, меѓу кои повеќе законски предлози поврзани со јавната администрација, високото образование, животната средина, јавните набавки и работните односи.

Во второ читање пратениците ќе расправаат за Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, Дополнетиот предлог-закон за државната ревизија, како и за измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки.

На дневен ред се и повеќе предлог-закони по скратена постапка. Меѓу нив се измените на законите за домување, високи раководители, административни службеници, вработените во јавниот сектор, платите и надоместоците на избраните и именуваните лица, шумите, како и Законот за субвенциониран студентски оброк.

Во прво читање ќе се разгледуваат предложените измени и дополнувања на законите за јавните набавки, животната средина, надворешните работи, данокот на личен доход, заштитата на децата, државните награди, минималната плата и работните односи.

Пратениците ќе расправаат и за Предлог-законот за заштита на критична цивилна инфраструктура.

Пред Собранието ќе се најдат и Предлог-националната програма за високото образование со предлог-мерки и Предлог-националната програма за научно-истражувачка дејност со предлог-мерки.

На дневен ред се и неколку предлог-одлуки, меѓу кои за изменување и дополнување на составот на собраниските комисии, за распишување јавен оглас за избор на членови на Советот за граѓански надзор, како и за објавување јавен оглас за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.

Exit mobile version