Додека воените тензии меѓу САД и Иран го достигнуваат врвот, Пекинг прави обиди да се позиционира како клучен посредник. Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, оствари серија итни телефонски разговори со своите колеги од регионот, изразувајќи ја сериозната загриженост на Кина за ескалацијата која се заканува со глобална дестабилизација.
Кина, која е еден од најголемите конзументи на иранска нафта и стратешки партнер на Техеран, инсистира на итен прекин на огнот и враќање на преговарачката маса. Ванг Ји нагласи дека воените решенија само ќе го продлабочат хаосот и ќе предизвикаат несогледливи последици по светската економија и безбедност.
Кинескиот шеф на дипломатијата беше јасен во своите пораки: „Кина силно се противи на употребата на сила во меѓународните односи. Почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет мора да биде основа за секое решение. Војната не е излез, туку пат кон бездната.“
Тој упати апел и до Вашингтон и до Техеран за максимална воздржаност: „Ги повикуваме сите страни да покажат смиреност. Меѓународната заедница очекува одговорно однесување, а не понатамошно поттикнување на конфликтот кој веќе однесе премногу невини жртви.“
Иако Кина досега избегнуваше директна воена вмешаност, аналитичарите сметаат дека Пекинг се плаши од целосен колапс на иранскиот режим, што би значело губење на нивниот главен сојузник во Персискиот Залив и прекин на снабдувањето со енергенси за кинеската индустрија.

