Од денеска стапува на сила одлуката со која се забранува фрлање отпад во Скопје во ноќниот период, односно од 22:00 до 06:00 часот. Градските власти најавија засилени контроли за спроведување на оваа мерка.

Инспекторите ќе бидат распоредени на терен и по полноќ со цел да ги санкционираат сите прекршители на новата забрана.

За физичките лица, прекршувањето на забраната ќе чини 50 евра. Казните за правни лица се движат од 1.300 до 1.800 евра, а може да бидат и повисоки во зависност од видот на исфрлениот отпад.

Во контролите ќе бидат вклучени сите градски инспектори и комунални редари. Тие ќе патролираат низ улиците, при што првично ќе се издаваат опомени, а потоа ќе следат казни за фрлање ѓубре надвор од дозволениот период.

Од ЈП „Комунална хигиена“ посочуваат дека мерката е примарно насочена кон правните субјекти кои, според нивните тврдења, најчесто го одлагаат отпадот непрописно и во доцните часови.

Град Скопје располага со вкупно 40 инспектори, од кои 11 комунални инспектори и 10 комунални редари. Прекршоците ќе се констатираат на лице место. Доколку се најде веќе исфрлен отпад од поголеми размери и кој е поинаков од вообичаениот комунален отпад од домаќинствата, ќе се спроведе подетална контрола на правните субјекти.

Exit mobile version