Кавески: Следува засилена реализација на капитални инвестиции во инфраструктурата

Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев преку „Акција 21" во оваа година целосно се посветува на развој и унапредување на инфраструктурата, рече денеска на Прес-конференција, Дарко Кавески, пратеник на СДСМ.

„Во таа насока е и Буџетот на Министерството за транспорт и врски каде 83 отсто од него се наменети за капитални проекти, што треба да обезбеди силна реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификација, железничка, патна и комуналната инфраструктура како и за изградба на социјални станови. Во овој период 840 милиони евра се инвестираат во изградба и рехабилитација на 400 километри патишта низ целата држава. За оваа 2021 година, обезбедивме 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализациски и водоводни мрежи во општините, 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, а со 35 милиони евра, средства добиени преку пренамена од ТАВ, ќе се финансираат 99 локални проекти во 75 општини.“ рече Каевски.

Тој потенцираше дека процесот на гасификација се реализира со одлично темпо. Гасоводот ја помина Битола и се гради кон Ресен и кон Тетово и Гостивар.

„Инвестираме и во обезбедување домови за граѓаните од ранливите категории. Преку АД за стопанисување со станбен и деловен простор, започна изградба на две нови социјални згради во Демир Капија со 16 станови и Гевгелија со 52 станови, а набрзо се очекува започнување на нова зграда и во Велес со 29 станови. Вкупно, во овој момент се градат вкупно 576 социјални станови низ целата држава.Ова се само дел од начините преку кои реализираме капитални инвестиции и влијаеме на економскиот раст во државата. Токму инвестициите во инфраструктурата, во капиталните проекти се гарант за рестарт на македонската економија, но и гарант за поквалитетен живот за сите. Остануваме посветени на креирање и реализација на мерки и политики што се во интерес на граѓаните и на државата.“ рече Каевски на прес конференцијата.

Одговарајќи на новинарско прашање за ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кој обвини денеска дека пропаднала идејата за фингерпринтовите и понуди решение за одложување на пописот и каков е неговиот став, тој вели дека пописот треба да се спроведе во 2021 година.

„Пописот е статистичка операција и во многу наврати го кажуваме тоа. Нашиот опонент гледа на сето ова како на политичка операција и верувам дека и тие ќе го препознаат моментот дека е важно пописот да се случи во 2021 година со што дополнително ќе овозможиме економски раст пред се на државата, но и сите оние придобивки коишто ги овозможува пописот. Верувам дека ќе се најде политички консензус и пописот ќе се спроведе во 2021 година, а во делот на обвинувањата на господинот Мицкоски верувам дека и тој ќе излезе од неговото ситно политиканство и секако ќе размислува во насока на добробит на сите граѓани на нашата држава и заеднички ќе придонесе и помогне да се спроведе пописот во 2021 година. Нашиот став како во многу изминати прес-конференции и изјави на претседателот Заев беа дека пописот е задолжителен да се спроведе во оваа 2021 година.“ рече Каевски.

 

 

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.01.2021 - 15:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега