Катерина Колозова: Новиве клубови и тазе разбудени македонски Бугари се провокација, подривање на односите

Професорката по теорија на студиите на политики на постдипломските студии на ИОХН- Скопје, Катерина Колозова, смета дека најновите состојбои во Градот Скопје се криза која покажува дека е нужна демократизација во партиите, а однесувањето на Арсовска (па и ВРМО), според нејзе е рефлексија на тој проблем и логиката на авторитарни и „заробувачки“ институции.

-„Заробувањето“ не се сведува на крадење, корупција туку на недемократски, авторитарни, нетранспарентни и неотчетни институции што создава услови за олигархиски форми на капитализам и т.н. крони капитализам – далеку од вистински слободната економија која ја бара Европската унија според своите Копенхашки критериуми. Накусо, Арсовска покажува „заробувачки“ методи на управување со тоа што е повеќе пара-полиција и пара-прогон во Градот одошто да ја извршува волјата на граѓаните. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, тие се борат да демонстрираат дека се силна партија која не може Арсовска да ја „демонтира“ со скандали – и со тоа што инсистираат институциите да бидат партиски обоени, и самите покажуваат „заробувачка“ логика за добро управување. За жал, тоа е кај нас нормата, ние од 1990-ти до денес постојано сме рангирани како хибриден режим и делумно слободни од страна на Freedom House, така што сигурно и СДСМ не се имуни на оваа логика – со оглед на тоа дека администрирањето, неговите стандарди останаа непроменети од врмето на Груевски, вели професорката Катерина Колозива, во интервју за Прес 24.

Како добар познавач на односите меѓу Скопје и Софија, таа потенцира дека последните случувања со отварањето на бугарските клубови во Македонија се повеќе аномалии и провокации, но дека нормализацијата на односите меѓу двете држави добро напредува.

-Треба повеќе иницијативи како Клубот БГ-МК пријателство, за да се подобруваат односите на постојана основа. Во оваа смисла, одлична работа заврши овие денови Чешкото претседателство на ЕУ, и амбасадите на Чешка во Скопје и Софија, вели Колозова во интервјуто за Прес 23, oценувајќи дека самите клубови, од вчера формирани претставуваат провокација.

-Имаме Културен клуб на македонски Бугари кој постои 20 години и нема никаква провокација ниту проблем кој произлегол од него – напротив, дури беа и конструктивни во надминувањето на ветото. Новиве клубови и тазе разбудени македонски Бугари според мене се провокација, подривање на односите и зад нив стојат политички сили кои не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, вели Колозова.

Смета дека не може да се предвидат развојот на настаните во Собранието околу предизвикот на државата за промена на Уставот, како услов за отварање на поглавјата, но сепак е уверена дека опозицијата сериозно ќе ги анализира последиците.

-Не верувам дека одговара на нивната патриотска логика да го негираат бугарското малцинство, бидејќи тоа оди на вода на тезите на личности како Каракачанов, Џамбаски кои не ни сакаат да се признае бугарско малцинство затоа што, според нив, „ние сме еден народ“ – со други зборови, не разбирам како му одговара на ВРМО ДПМНЕ да застапува позиција каде Бугарите во Македонија не се малцинство, и со тоа да е на иста линија со бугарското ВМРО. Друг фактор, кој можеби ќе ги вразуми, е дека ова барање поставено од ЕУ, а не од Бугарија (не е важно толкувањето туку правната ситуација во мигов). Да се каже НЕ на едно толку просто барање, каде што викате дека имате бугарско малцинство, а не дека сте самите Бугари, е неразумно ако навистина сте прозападно ориентирани како што тврдат, вели Катерина Колозова, професор по теорија на студиите на политики на постдипломските студии на ИОХН-Скопје, во интервју за Прес 24.

ПРЕС24: Градот Скопје деновиве е типичен пример за дисфункционално општество. На една страна градоначалничката, на друга партијата што ја поддржа на изборите, на трета централната власт. Ако се анализираат изјавите за тоа кој е виновен, дали оваа игра е битка на интереси за превласт врз локалните центри на влијание или гол политички популизам?

КОЛОЗОВА: Можно е да се двете, може да е и нешто трето. Тоа што треба да го задржиме како принцип, за да не се најдеме во замките на внатрепартиски и меѓупартиски игри, е да следиме како одреден процес – независно од заднинските мотиви – се одразува на ниво на политики на управување и дали е од полза или нанесува штета на квалитетот на живот на граѓаните. Инсинуациите дека некој е виновен за претпоставени кривични дела не се нешто со што треба да се занимава сериозен политичар, ниту е работа на градоначалник да глуми органи на прогон и истрага. Се додека извршната власт се однесува како суд и законодавство, не сме излегле од „заробената држава,“ чиј основен темел, во својот извештај од 2017, Прибе го идентификуваше како заробување на судската и законодавната власт од страна на извршната. Три години наназад и нашиот Институт произведе неколку анализи кои го покажуваат токму ова што го констатира и Прибе. Затоа, постојано потсетуваме, не само јас туку и колегите кои работеле на студиите, дека „заробувањето“ не се сведува на крадење, корупција туку на недемократски, авторитарни, нетранспарентни и неотчетни институции што создава услови за олигархиски форми на капитализам и т.н. крони капитализам – далеку од вистински слободната економија која ја бара Европската унија според своите Копенхашки критериуми. Накусо, Арсовска покажува „заробувачки“ методи на управување со тоа што е повеќе пара-полиција и пара-прогон во Градот одошто да ја извршува волјата на граѓаните. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, тие се борат да демонстрираат дека се силна партија која не може Арсовска да ја „демонтира“ со скандали – и со тоа што инсистираат институциите да бидат партиски обоени, и самите покажуваат „заробувачка“ логика за добро управување. За жал, тоа е кај нас нормата, ние од 1990-ти до денес постојано сме рангирани како хибриден режим и делумно слободни од страна на Freedom House, така што сигурно и СДСМ не се имуни на оваа логика – со оглед на тоа дека администрирањето, неговите стандарди останаа непроменети од врмето на Груевски. Дури постојат и обиди да се воскресната закони како оној за хонорарците која предизвика масовни протести. Така што, некој може да каже дека „релативизирам“ но ова е констатација за доминантата политичка култура (постотманска) од која како општество не сме успеале никогаш да излеземе.

ПРЕС24: Покажува ли ова искуство дека нешто треба да се менува во функционирањето на локалната самоуправа?

КОЛОЗОВА: Јас мислам дека законот за локална самоуправа, и целата нејзина поставеност е системски најуспешното решение кај нас. Тоа покажува и дека ако имате сектор со добар систем на политики, дека не е ни толку важно кој е лидер, кој е на власт. Оваа криза покажува дека е нужна демократизација во партиите, а однесувањето на Арсовска (па и ВРМО) е рефлексија на тој проблем и логиката на авторитарни и „заробувачки“ институции што го објаснив погоре.

ПРЕС24: На централно ниво, во Парламентот состојбите не се поразлични. Во процедура е избор на нов министер за Локална самуправа, долго време ја немаше точката на дневен ред, што остава сомнеж дека власта не го владее сопственото мнозинство во Парламентот. Дали е тоа политичката криза?

КОЛОЗОВА: Мислам дека е здраво за демократијата парламентот, вклучително и владеачката коалиција, да имаат автономија во однос на извршната власт. Член на парламент да биде институција за себе бидејќи тој ги претставува оние кои го избрале и сопствениот регион (значи и оние што не гласале за него), граѓаните и треба да има автономија. Ако власта не го владее Парламентот тоа е показател на пораснато ниво на демократија, затоа што уште од ерата кога не прогласија за „заробена држава“, еден од главните маркери дека сме тоа беше инструментализацијата на парламентот од страна на извршната власт. Со други зборови, ова е позитивна појава, добар знак и показател дека веројатно СДСМ има повисок степен на внатрешна демократија сега од порано, како и од другите партии (особено ВМРО ДПМНЕ и ДУИ). Либералите имаат внатрешни превирања, така што е веројатно логично што тоа министерско место е  привремено празно. Верувам дека тоа брзо ќе се реши, и тоа е и помалку важно ако имаме добра администрација во тој сектор – и доволна децентрализација.

ПРЕС24: Во ваква состојба на државата и претстои сериозен и голем политички потфат, кој со сегашниот распоред на сили во Собранието е практично невозможен. Времето кое стои на располагање за промена на Уставот ќе помине бргу?

КОЛОЗОВА: Тоа навистина не можеме да погодиме како ќе се одвива. Ако ВМРО ДПМНЕ сака да владее, во случај да победи на некои следни парламентарни избори, и ако курсот останува Европа, сосема се свесни дека признавањето на бугарското, хрватското и црногорското малцинство се нужни. Не верувам дека одговара на нивната патриотска логика да го негираат бугарското малцинство, бидејќи тоа оди на вода на тезите на личности како Каракачанов, Џамбаски кои не ни сакаат да се признае бугарско малцинство затоа што, според нив, „ние сме еден народ“ – со други зборови, не разбирам како му одговара на ВМРО ДПМНЕ да застапува позиција каде Бугарите во Македонија не се малцинство, и со тоа да е на иста линија со бугарското ВМРО. Друг фактор, кој можеби ќе ги вразуми, е дека ова барање поставено од ЕУ, а не од Бугарија (не е важно толкувањето туку правната ситуација во мигов). Да се каже НЕ на едно толку просто барање, каде што викате дека имате бугарско малцинств, а не дека сте самите Бугари, е неразумно ако навистина сте прозападно ориентирани како што тврдат. Европа, се повеќе, ќе игра геополитика и во делот на проширувањето, особено Франција, а ВМРО ДПМНЕ тоа нужно ќе го разберат.

ПРЕС24: Постои ли ризик овој пат Македонија сама да си ги постави ветото неможејќи да го реализира она на што се нафатила како услов за отварање на поглавјата?

КОЛОЗОВА: Постои, секако. Иако мислам дека ЕУ, како што реков погоре, сѐ повеќе игра тврда геополитика во однос на проширувањето и ќе се најде начин да се реши евентуалната ситуација на ќорсокак. Впрочем, се сеќавате што е суштината на фамозниот „француски предлог“ – еднострано, ЕУ ги обзнани своите услови на интегрирање и не покани да се придружиме или не.

Сама ги реши и невозможните барања на Бугарија околу јазикот – едноставно им кажа, „ние го признаваме јазикот, а вие ако сакате, оградете се унилатерално, ваш проблем“ (моја многу куса парафраза на генералната позиција и рамката). Ако ЕУ остане така геополитички вложена, а стане јасно  дека политичката заедница не им гарантира таква компактност на континентот во секоја смисла на зборот, мислам дека ќе бараат начини да се реши еден таков исход. Целта е, секако, да се превенира. Ако сакаме нашите деца да живеат во ЕУ тука, а не во туѓина или некој зафрлен вилает, треба да е јасно кој мора да биде консензусот во Парламентот.

ПРЕС24: Ако по францускиот предлог односите меѓу Македонија и Бугарија добија малку по смирен тек, се чини дека последните случувања ја враќаат старата реторика. Колку тоа може да ги усложни повторно односите?

КОЛОЗОВА: Мислам дека последните случувања се повеќе аномалии и провокации, а дека нормализацијата на односите добро напредува. Треба повеќе иницијативи како Клубот БГ-МК пријателство, за да се подобруваат односите на постојана основа. Во оваа смисла, одлична работа заврши овие денови Чешкото претседателство на ЕУ, и амбасадите на Чешка во Скопје и Софија.

ПРЕС24: Има ли скриени намери за провокации во отварањето на бугарските клубови во Македонија?

КОЛОЗОВА: Самите клубови, од вчера формирани претставуваат провокација. Имаме Културен клуб на македонски Бугари кој постои 20 години и нема никаква провокација ниту проблем кој произлегол од него – напротив, дури беа и конструктивни во надминувањето на ветото. Новиве клубови и тазе разбудени македонски Бугари според мене се провокација, подривање на односите и зад нив стојат политички сили кои не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ.

ПРЕС24: Ако се исклучат ризиците од можни нови блокади поради дијалогот Скопје-Софија, дали патот на Македонија кон полноправно членство е реално остварлив како што замислиува Владата до 2030 година?

КОЛОЗОВА: Мислам да, но само со помош на Европа и со комплетен ремонт на тоа што мислиме дека е „владеење на правото“ и добро управување – нашите институции не се доволно демократски како што покажа скринингот, а дел од објаснувањето зошто се содржи во мојот одговор на првото прашање. Без обѕир на тоа што се слушаат експертски коментари дека Франција намерно ја комплицирала методологијата интерсекторски, по кластери, додавајќи критериуми како „демократски институции“, јас сум уверена дека сето ова е за да се случи суштинска, а не само формална европеизација. Новата метода сака да се осигура дека нема да и се појават нови Вучиќ и Орбан во нејзините рамки кои европското Acquis го користат за да ги камуфлираат своите авторитарни закони и модели на владеење – со старите добри трикови, каде се прифаќа општата рамка и реторика, но се вметнуваат членови во директен судир со духот на тие акти, а тоа е демократијата. Сега Македонија ќе мора да ги ревидира сите процедури и политики на креирање услови, од аспект на нивната демократичност, односно од аспект на недостигот на демократичност.

 

27.10.2022 - 12:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега