Карпош и подаде рака за соработка на Општина Кочани

 


Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска во својот кабинет оствари работна средба со в.д. градоначалникот Венко Крстевски. Во рамки на состанокот кој се одржа по иницијатива на в.д. градоначалникот Крстевски, се говореше за конкретни аспекти кои можат да влијаат врз ефикасното работење на локалните самоуправи. Притоа, беа разгледани повеќе опции за преземање на низа активности, позитивни практики и искуства од функционирањето на Општина Карпош, кои ќе станат дел од работната пракса на општинската администрација на Кочани.

- Ние како локална власт ќе помогнеме сé што можеме и во делот на инспекцискиот надзор, во делот на собирање на приходи, при развој на комуналната инфраструктура, урбанизмот, како и во обидот да се привлечат инвеститори, бидејќи верувам дека на Кочани сега тоа му е навистина потребно. Оваа наша средба доаѓа во вистинско време, затоа што дел од нашите колеги кои се вработени во Карпош најверојатно ќе заминат за Кочани. Целта е тие да пружаат помош, особено во делот што значи инспекциски надзор, со оглед на нивното знаење и стручност во оваа област. Само ќе додадам дека ми е особено драго што господинот Крстевски како еден млад човек сака да ги прифати нашите позитивни искуства кои потоа ќе ги имплементира во неговата општина – истакна Јакимовски.

Во духот на продлабочување на кооперативноста помеѓу двете локални самоуправи, Јакимовски и Крстевски потпишаа Меморандум за соработка со цел, поефективна размена на досегашните искуства. Во таа насока, двете општини ќе воспостават заеднички релации на соработка во областа на урбанистичкото планирање, комуналните дејности и образованието.

Оттука, кочанчани ќе добиваат стручни совети и насоки од своите колеги од Карпош, од областа на инспекцискиот надзор, во поглед на постапување на градежните, комуналните и инспекторите за домување. Согласно Меморандумот, администрацијата од Кочани ќе добива практични совети за прибирање на приходите, а со оглед на тоа што Општина Карпош располага и со сопствена просторна единица за заштита и спасување, ќе бидат разгледувани и позитивни практики од областа на заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра на територија на Кочани.

- Сакам да се заблагодарам на градоначалникот Стевчо Јакимовски и на неговата локална самоуправа што се решија да и помогнат на Општина Кочани. Благодарение на Општина Карпош ние за првпат во историјата ќе добиеме инспектор за домување, кој е од особена важност за нас во овие тешки моменти. Исто така во делот за безбедноста, добредојдена е помошта од Карпош бидејќи сé уште постојат објекти во Кочани каде што тлее таа опасност. Јас свесно го прифатив предизвикот и со максимална поддршка од колегите градоначалници но и на кочанската заедница, ние ќе ја надминеме оваа ситуација и ќе излеземе посилни и помудри. На крајот сакам само да додадам, дека јас и моите сограѓани никогаш нема да ја заборавиме пријателски подадената рака од Јакимовски и карпошани – посочи Крстевски.

Двете општини ќе ја официјализираат формата на заедничката соработка преку реализација односно организирање на работни средби и заеднички обуки, размена на информации, документи извештаи и стручни мислења, како и преку посета на терен за запознавање со практики и решенија. Претставници од двете локални самоуправи исто така ќе учествуваат во заеднички проекти и иницијативи од заеднички интерес, со отворена можност за размена на стручни кадри и експертска поддршка по потреба. На овој начин ќе се подобри квалитетот на услугите кон граѓаните и ќе се зголеми ефикасноста во планирањето и реализацијата на урбаните решенија. Преку заедничката соработка ќе се унапреди инспекцискиот надзор со размена на практики и методологии и конечно ќе се зајакнат капацитетите за делување во вонредни состојби кои директно ќе влијаат во насока на заштита на населението и материјалните добра.

25.04.2025 - 15:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега