Стотици припадници на Националната гарда од Калифорнија и Тексас, распоредени во Портланд и Чикаго како одговор на протестите поради репресиите против имиграцијата, ќе се вратат во своите матични држави, потврди функционер на Министерството за одбрана на САД.

Официјалниот претставник за „Си-Би-Ес“ изјави дека бројот на припадници на Националната гарда на Орегон во Портланд ќе се намали од 200 на 100. Во исто време, околу 300 војници од Националната гарда на Илиноис, кои се дел од истата операција, ќе останат под федерална контрола.

Според официјалниот претставник, околу 200 војници од Националната гарда на Калифорнија, распоредени во Портланд минатиот месец, ќе се вратат назад, како и 200 гардисти од Тексас, распоредени во Чикаго.

Во двата случаи, Белата куќа тврдеше дека гардистите биле пратени за „заштита на федералниот имот и персонал“.

Демонстрациите пред објектите на американската Служба за имиграција и царина (ICE) во Портланд и Чикаго беа повод за испраќање трупи од други држави.

Повкукувајќи се на криминал или на потребата да се заштити федералниот имот и персоналот од демонстранти, Трамп ја распореди Националната гарда и во Вашингтон, Лос Анџелес и Мемфис.

Exit mobile version