Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

 

Светиот Архангел Гавриил

Тој е благовесникот на воплотувањето на Синот Божји. Еден од големите седум ангели што претстојат пред престолот Божји. Му го јави на Захарија раѓањето на Св. Јован Предвесник и самиот за себе рече: „Јас сум Гавриил кој стојам пред Бога“ (Лука 1, 19). Неговото име, Гавриил, значи маж – Бог. Зборувајќи за Благовештение Светите отци толкуваат дека е испратен архангел со такво име што ќе означи кој и каков ќе биде Оној што ќе се роди од Пречистата Дева. Ќе биде значи Маж – Бог, крепок, силен Бог. Некои дознаа дека истиот тој Гавриил им го јави на Јоаким и Ана раѓањето на Дева Марија и дека тој го поучуваше Мојсеј во пустината како да ја напише книгата Битие. Светите отци мислат дека Гавриил му принадлежи на првиот и највисок чин на небесните сили, на серафимскиот, зашто серафимите стојат најблиску до Бога. Тој е значи еден од седумте серафими најблиски до Бога. Имињата на тие седуммина се: Михаил, Гавриил, Рафаил, Уриил, Селатиил, Јегудил, Варахиил. На овој број некои им го додаваат и Еремиил. Секој од нив има посебна служба, а сите тие се рамночесни. Зошто Бог не го испрати Михаил? Зашто неговата служба е да ги крши непријателите на Божјата вера. А службата на Гавриил е благовестење за човековото спасение.

Тропар
Архистратигу на небесните војски, ти се молиме секогаш нас недостојните, со твоите молитви да нe запазиш под закрилата на твојата невештествена слава. Чувај нe нас кои пред тебе притекнуваме усрдно и повикуваме: Од опасностите избави нe како чиноначалник на вишните сили.

Кондак
На пресветлата и чесна, сетворечка, неизмерна и страшна Троица, ти си служител, славен архистратиже и молитвениче, и сега непрестајно моли се да се избавиме од секакви неволји и маки, за да ти повикуваме: Радувај се, заштитнику на твоите слуги!

Светиот свештеномаченик Иринеј, епископ Сремски

Се мисли дека по потекло бил Словенин и дека пред епископството бил женет и имал деца. Пострадал за Христа во времето на Максимијан. При тешките мачења неговите роднини стоеле околу него и плачејќи го молеле да се поштеди себеси и нив (т.е. да се одрече од Христа). Но овој прекрасен свештеномаченик повеќе ги сакаше раните за Христа отколку сите богатства на овој свет. Во истото време од Проб во Срем пострада и еден градинар по име Серен, а во Регија маченикот Афр. Бидејќи Иринеј никако не сакаше да се откаже од верата, кнезот Проб нареди и го фрлија од еден мост на реката Сава и овој пастир го заврши својот овоземен живот во таа река. Пострада чесно во 304 година.

Преподобен Малх

Малх беше земјоделец од околината на Антиохија и од младоста со сиот дух беше устремен кон Бога. Арапите го заробија и во ропството го натераа да земе за жена една Црнкиња. Но тој и нејзе ја приведе кон Христовата вера и поживеа со неа како брат со сестра. Се договорија и побегнаа од ропството. Арапите за малку ќе ги стигнеа. Бегалците се засолнија во една пештера во која сретнаа една лавица со малечки лавчиња, па се исплашија. Но нив лавицата не ги повреди, а закла еден Арапин кој сакаше да влезе во пештерата за да ги фати. Кога стигна во својот крај, Малх ја даде жена му во еден женски манастир, а самиот отиде во машки. Поживеа многу години во подвиг и се пресели меѓу небесните граѓани во 4 век.

Тропар
За девственоста величина си ти пред Господа премудра чистого: неосквернетост не само телесна, туку неострастеност која води кон слобода. Сознание си за оние кои по Бога трагаат и кон совршена љубов итаат. Затоа праобраз имаш во рајската градина, а живот и пример црпиме од Пресветата, Која е Неосквернета, Пренепорочна, Чиста Дева, Мајка на нашиот Спасител и Покров на родот човечки.

Преподобен Василиј Нови

Прво живееше в шума, без покрив и огниште. Кога го фатија и го прашаа кој е, одговори: „Еден од живите на земјата“. Се посомневаа во него дека е шпион и многу го намачија. На крајот проживеа на слобода во Цариград многу години. Проѕираше во човечките тајни, ја претскажуваше иднината, вршеше големи чуда. Послушничка му беше старицата Теодора, која кога умре му се јави на Василиевиот послушник Григориј и му ги опиша дваесетте митарства низ коишто поминува секоја душа после смртта. Свети Василиј мирно се упокои и се пресели во прекрасните небесни живеалишта на 25 март 944 година. По смртта еден од жителите на Цариград го виде во голема слава на небесата.

Тропар
Радост си на Црквата Христова, миленик на Божјата Мајка, горостас на благодатта Господова, името твое ја покажа круната со дарови украсена, од Христа подарена, о Василиј Божји угодниче. Моли се за нас, ти, по чии молитви душите и митарствата безметежно ги поминуваат: Со радост да стигнеме до Небесните живеалишта.

07.04.2022 - 21:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега