Календар на МПЦ: Утре е Спомен на јавувањето на Чесниот Крст во Ерусалим

Спомен на јавувањето на Чесниот Крст во Ерусалим

Во времето на царот Констанс, синот на Свети Константин, кога беше патријарх Кирил Ерусалимски, во девет часот наутро над Голгота се појави Чесниот Крст и се простираше до небото над Елеонската Гора. Тој Крст беше посветол од сонцето и поубав од најубавото виножито. Сиот народ, и верните и неверните, ги оставија своите работи и во страв и со восхит гледаа во небесниот знак. Мнозина неверници се обратија во верата Христова, а исто така и многумина еретици аријанци ја оставија својата злобна ерес и се вратија во Православието. За овој знак патријархот Кирил му пиша на царот Констанс, којшто и самиот клонеше кон аријанството. Тоа се случи на 7 мај 357 година. И во таа прилика се покажа дека христијанската вера не е во светските мудрувања според телесниот човечки разум, туку во силата Божја, објавена преку чуда и знаци многубројни.

Тропар
Ликот на Твојот Крст како сонце засветли, од Гората Света простирајќи се до лобното место. И во него, Спасе, Твоето за нас закрепнување го објасни, со Него сила и на нашите верни цареви им подари: со Него, Христе Спасе, спасувај нe и нас и светот по молитвите на Пресвета Богородица.

Светиот маченик Акакиј

Овој светител беше римски офицер при царот Максимијан. Одговарајќи на суд за својата вера во Христа, тој рече дека таа благочестива вера ја наследил од родителите и дека во неа се утврдил гледајќи ги многубројните чудесни исцеленија од моштите на христијанските светители. После големи маки претрпени храбро во тракискиот град Пиринт, Акакиј беше спроведен во Византија, каде издржа нови маки, додека најпосле не го убија со меч. Чесно пострада и се пресели во царството на вечната радост во 303 година.

Тропар
Незлобливоста твоја, свет Акакие, ја привлече Љубовта да загосподари со тебе, исповедањето на вистината венец маченички ти донесе, моли се за нас храбри војниче Христов и ние за спасение да Го исповедаме Единиот Бог во Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух.

Преподобните отци грузиски

Во 4 век, а двесте години откако Света Нина го проповедаше Евангелието во Грузија, му се јави Пресветата Мајка Божја на Јован, подвижник антиохиски, и му нареди да избере дванаесетмина од своите ученици и да отиде во Грузија за да ја утврди православната вера. Јован така и направи. Кога дојдоа во Грузија, овие дванаесет мисионери беа свечено дочекани од кнезот на таа земја и од католикосот Евлалиј и веднаш со ревност ја започнаа својата работа. Народот притекнуваше околу нив во толпи и тие го утврдуваа во верата со голема мудрост и многубројни чуда. Началник на сите овие христољубиви мисионери им беше Свети Јован Зедазниски. А нивните имиња се: Авид, Антониј, Давид, Зинон, Тадеј, Иса, Издериос, Јосиф, Михаил, Пир, Стефан и Шијо. Со апостолска ревност сите тие ја утврдуваа Христовата вера во Грузија, основаа многу манастири и оставија зад себе многубројни ученици. Така се удостоија со слава на небесата и со сила на земјата.

Тропар
По молитвите на Нина света, Пресветата ве испрати, о отци свети: Јован, Авид, Антониј, Давид, Зинон, Тадеј, Иса, Издериос, Јосиф, Михаил, Пир, Стефан, Шио, искрата да ја разгорите во земјата Грузиска. Добар подвиг принесовте подражавајќи Го Христа и затоа денес ве чествуваме и на вашите молитви пред Бога се надеваме.

19.05.2022 - 23:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега