Каевски: Со зголемено домашно производство се спречи драстично зголемување на цената на струјата

Владата предводена од СДСМ, надлежните државни институции и претпријатија постојано преземаат мерки за надминување на енергетската криза и заштита на стандардот на домаќинствата. Активирани се сите расположливи капацитети за производство на струја, со цел да се намали зависноста од скап увоз на струја. Тоа е потврдено и со официјални податоци, истакна на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник на СДСМ.

„Дневното производство на струја од домашни капацитети во јануари оваа година е 14.191 мегават час. Во октомври 2021 тоа изнесувало 13. 815 MWh а во истиот месец во 2020 година, 12.363 MWh. Тоа значи зголемување од 14,8 отсто на производството од октомври 2020 до јануари 2022 година. За непречена работа на РЕК Битола со двата блока обезбедени се доволни количества на јаглен, како и за ТЕЦ Осломеј. Во текот на овој месец планирано е да се пушти во употреба и третиот блок во РЕК Битола, како и вториот блок во ТЕЦ Неготино“, објасни Каевски.

На тој начин, вели дека сите количини на електрична енергија за месец јануари потребни за универзалниот снабдувач ќе бидат целосно обезбедени од домашно производство.

Сето тоа, како што оценува, влијае на цената на струјата кон крајните корисници, односно со активирање на сите капацитети се спречува драстично зголемување на цената на струјата.

Во време на глобална енергетска криза, Владата, рече Каевски, ќе го заштити и стандардот на граѓаните.

Информира дека веќе се обезбедени 60 милиони денари со кои ќе им се помогне на околу 7.500 семејства од ранливите категории, преку субвенционирање на сметките за електрична енергија, а ќе следуваат, како што најави и нови мерки за помош на граѓаните и стопанството.

„Државата е тука да им помогне на граѓаните, на економијата да се надминат последиците и од оваа енергетска криза“, прецизира Каевски.

04.01.2022 - 13:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега