Кацарска: Средбата во Брдо не донесе ништо ново

Средбата на лидерите на Европската унија со лидерите од Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија беше темата за која во Утрински брифинг разговаравме со Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика. Ако досега се зборуваше за „перспективи“ за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, во Крањ за првпат по подолго време, под услови за реформи во земјите, во завршниот документ од Самитот стои зборот „проширување“.

-Ние и формално сме во тој процес на проширување. Сега останува дали ќе ја гледаме чашата полупразна или полуполна, односно сѐ зависи од толкувањата на овие документи од самитите на ЕУ, вели Кацарска за Утрински брифинг.

Во Крањ проширувањето беше тема но само како збор, а друго прашање е дали ние ќе бидеме задоволни што стои во документот како збор или не, додава Кацарска.

Албанскиот премиер Еди Рама и претходно рече дека земјите од Западен Балкан нема што да очекуваат од ЕУ, додека македонскиот премиер Зоран Заев сепак истапи со изјави на оптимизам.

-Средбата во Брдо не донесе ништо ново. Во принцип средбата ја дијагнистицираше веќе постоечката разочараност. Во изминатава година многу појасна е фрустрацијата којашто постои во Комисијата, но и улогата којашто ја има ЕК во овој мандат, особено ако се имаат предвид дискусиите околу улогата која што ја има комесарот за проширување Оливер Вархеји, вели Кацарска за Утрински брифинг.

Општиот впечаток е дека не се креира позитивна струја во одонос на проширувањето, дури и од страна на оние кои што треба да го поддржуваат, вели за Утрински брифинг Кацарска.

-Јасно е дека главната порака што се испраќа е дека проширувањето е забавено и одложено за неодредено време, така гледаат и медиумите. Самиот збор проширување е употребен повеќе како забава за јавноста и медиумите. Факт е дека нема ништо конкретно, а перспективата не се приближува. Ние тоа многу јасно го гледаме со нашиот случај, вели за Утрински брифинг дописничката на МИА Тања Милевска за реакциите во Брисел по средбата во Крањ.

Таа посочува дека и некои лидери на Европската комисија одат во крајно отворени изјави, а од друга страна го имаме комесарот за проширување Вархеји кој е негативно настроен кон проширувањето на ЕУ.

07.10.2021 - 10:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега