Јузова: И да биде одбиен францускиот предлог, Прага не размислува да ги раздвои Скопје и Тирана на патот кон ЕУ

 

Доколку Скопје го одбие францускиот предлог, Прага воопшто не размислува да ги раздвои Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, рече Јана Јузова, истражувач во чешкиот институт „Еуропеум“, онлајн форумот „Еуропеум 2022 – Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: што претстои?“, кој го организираше Институт за европска политика (ЕПИ).

Зборувајќи за практичните предизвиците во однос на Западен Балкан со кои ќе треба да се справува Чешка за време на претседателство со ЕУ, Јузова рече дека Чешка и мнозинството земји членки ги гледаат сериозните проблеми во францускиот предлог и разбираат зошто е толку тешко за Северна Македонија да го прифати.

„Според она што го слушнавме од чешкото МНР, тие се многу вознемирени со Франција и Бугарија, а причината е што за предлогот не биле консултирани други земји членки. Била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина“, рече Јузова.

Чешкиот пристап, според Јузова, ќе биде да се направи колку е можно помала штета, некако да се ублажат негативните ефекти и, како што рече, да се осигури дека ова нема да биде траен преседан.

„Дури и да се постигне компромис, тоа нема да биде нешто со што Северна Македонија ќе биде среќна и може само да шпекулираме за последиците што ќе ги има. Ние мора да се осигуриме дека ова нема да стане преседан што ќе го користат и други земји членки кон кандидати“, рече Јузова.

Повикувајќи се на информации од чешкото претседателство со ЕУ, Јузова рече дека и доколку Скопје го одбие францускиот предлог, Прага воопшто не размислува да ги раздвои Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ.

„Чешкото претседателство смета дека раздвојувањето само ќе му даде легитимитет на бугарското вето. Не се согласуваме со аргументите на некои други земји кои сметаат дека натамошната блокада на Албанија ќе го дестабилизира регионот, напротив, сметаме дека ќе го зголеми притисокот врз Бугарија и ќе ја зголеми солидарноста меѓу земјите во регионот“, рече Јузова.

08.07.2022 - 23:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега