Југословенското знаме се развеа во Кочани по повод 29 Ноември

 Југословенското тробојно знаме со ѕвезда петокрака денеска повторно се развеа во Кочани, со што членовите на граѓанското здружение „Јосип Броз Тито“ го почнаа одбележувањето на 29 Ноември, како значаен датум од историја на поранешната заедничката држава на народите од Балканот.

Фотографии со ликот на Тито, придружени со македонски знамиња , како и песни во кои се опева борбата против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, беа декорот што можеше да се види и слушне во караванот од возила што прошетаа низ кочанските улици.

– Ние сме единственото активно македонско здружение кое на овој начин го одбележува денот кога се одржало второто заседание на АВНОЈ, кој е роденден на некогашната заедничка држава. Овој датум за нас има посебна важност, затоа што тогаш се оствариле идеалите на сите наши револуционери, а македонската нација конечно доби признавање за своето постоење. Потврда дека 29 ноември е голема историска пресвртница е што слични здруженија во Словенија, Хрватска и другите поранешни југословенски републики му даваат многу поголема важност отколку кај нас, иако Македонија на тој ден ја добила својата државност, а денес ние го живееме тој континуитет, истакна Трајан Трендов, претседател на здружението „Јосип Броз Тито“.

Додека дефилето од возила се движеше по улиците, кај граѓаните имаше мало изненадување поради тоа што постарите подзаборавиле, а помладите воопшто ни не знаат за значењето што го имаше некогаш најголемиот државен празник.

Здружението на граѓани „Јосип Броз Тито“, ги прославува сите значајни датуми поврзани со историјата на поранешна Југославија, а во изминатиот период организираше и повеќе хуманитарни акции за собирање облека и храна, како и за доброволно крводарување.

29.11.2022 - 13:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега