ЈСП Скопје сподели потсетување за корисниците на студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз дека неопходно е да го продолжат/заверат билетот за 2026 година.

„ЈСП Скопје излегува во пресрет на потребите на студентите и ќе има разбирање, и во таа насока ќе прави отстапки за казнени санкции до 20.01.26 година. Замолуваме до посочениот термин, студентите да ги заведат своите годишни билети. Продолжувањето/заверувањето на билетот започна од 25.12.25, и се врши во било кој центар за персонализација на ЈСП Скопје, со лично присуство на студентот кој треба да достави потврда за редовен студент издадена од акредитирана високообразовна установа, оригинал индекс со запишан зимски семестар и лична карта на увид“, информираат од јавното претпријатие.

Посочија дека на студентите/бруцоши од студентската 2025/2026 година, билетот автоматски им важи и за наредната календарска година.

Нагласуваат дека студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа.

„Потсетуваме дека единствено „Скопска“ со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатно користење на јавен превоз од страна на студентите кои ги исполнуваат условите за студентски годишен билет. Не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично“, додаваат од ЈСП.

Воедно, од ЈСП Скопје ги потсетија и своите корисници на билети за возрасни лица од “старосна група – над 62/64 години”, заверката на истите за 2026 година, да ги направат во било кој од центрите за персонализација до 31.01.2026 година. Заверката се реализира исклучиво лично од страна на корисникот, со приложување на документ за лична идентификација.

„Сите билети за возрасните лица од “старосна група – над 62/64 години”, кои нема да бидат заверени заклучно со 31.01.2026 година, ќе бидат автоматски блокирани. Доколку после овој датум, сакаат да заверат месечен пензионерски билет од 300 денари (услуга која ја добиваат во било кој центар за персонализација или билетара), нема да можат тоа да го направат без заверка на бесплатниот годишен билет (кој мора да е заверен во некој од центрите за персонализација)“, посочија од ЈСП Скопје.

Exit mobile version