ЈП Комунална хигиена контра Герасимовски: Секојдневно го собираме и транспортираме комуналниот отпад
ЈП Комунална хигиена-Скопје ја демантира изјавата на градоначалникот на општината Центар, каде што се наведени невистинити информации поврзани со активностите на Претпријатието во оваа скопска општина за време на изминатиов викенд.
Би сакале да напоменеме дека на територијата на општината Центар, ЈП Комунална хигиена Скопје секојдневно го собира и транспортира комуналниот отпад без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје. Оваа динамика беше запазена и во текот на викендов на територијата на целата општина Центар, вклучително и на локацијата околу градинката „13 Ноември“ во населбата Дебар Маало, за којашто градоначалникот Герасимовски тврди дека ја исчистиле неговите општински служби.
Од друга страна, секое одлагање отпад надвор од контејнерите претставува кршење на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции.
Би сакале да го потсетиме Герасимовски и дека улиците зад ООУ „Песталоци“ се општински улици што исто така спаѓаат во надлежност токму на општина Центар, така што навистина сме зачудени зошто градоначалникот во својата изјава нагласува дека викендов на оваа локација реализирал отстранување на дива депонија, кога тоа е дел од неговите обврски и надлежности#.
ЈП Комунална хигиена Скопје, додаваат во соопштението, во текот на 2024 година отстрани вкупно 22 194 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје, од коишто значителен процент на непрописно одложен отпад е подигнат токму на територијата на општината Центар.
Го советуваат градоначалникот да се зафати со санкционирање на прекршителите на Законот за јавна чистота и на тој начин да придонесе за одржувањето на хигиената во сопствената општина.
Герасимовски ја обвини ЈП „Комунална хигиена“ дека и викендов потфрлила и не ја завршила својата работа, оставајќи ја познатата локација кај „Круг“ во Дебар Маало затрупана со отпад.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа