Јовески: Нашата работа мора да биде независна и да се базира на доказите

 

Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески се обрати на свечената церемонија по повод приемот на осмата генерација во почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Идните слушатели на Академијата Јовески ги упати на самостојно, независно и неселективно извршување на задачата.

Ова е значаен ден за институциите, за граѓаните и за државата, особено во ова време кога во земјава има недостаток на јавни обвинители и судии, констатираше Јовески.

„Од вас се очекува да бидете гарант за ефикасно правораздравање. Правото мора да биде еднакво достапно за сите граѓани, бидејќи селективноста е најголема неправда. Нашата работа мора да биде независна и да се базира на доказите и фактите во постапката“, рече Јовески.

„Само ефикасен и независен правосуден систем ќе биде основа граѓаните да имаат поголема доверба во правосудните институции“, рече министерот за правда Никола Тупанчески, потсетувајќи ги идните слушатели на Академијата дека да се биде дел од третата власт во државата е предизвик, но и голема одговорност.

Успешен почеток на обуката и успешно завршување на Академијата на кандидатите им посакаа претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски, како и заменик-претседателот на Судскиот совет Селим Адеми.

Осмата генерација во почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ има вкупно 97 слушатели, а нивната обука ќе трае 2 години.​

11.05.2022 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега