Јовески: Лицата кои беа примени на Академијата за судии покажаа резултати, не гледам причина да се фрла сомнеж врз нив

Државниот обвинител Љубомир Јовески не гледа причина да се фрла сомнеж врз изборот на синот на спикерот на Собранието, Талат Џафери и сопругата на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази за обвинители, потенцирајќи дека тие со успех ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители.

-Лицата кои ги спомнувате учествувале на огласот за упис во Академијата на судии и јавни обвинители на кој има многу строги критериуми, покажале соодветни резултати и биле примени во Академија, со успех ја завршиле и според тоа јас апсолутно не гледам никаква причина да се фрла сомнеж на овие млади луѓе. Вчера беше нивната промоција во салата на Врховниот суд. На овие млади луѓе им ја предочив одговорноста со која се соочуваат и носењето на судскиот и обвинителскиот товар, изјави Јовески.

Според него, на овие луѓе треба да им се даде шанса затоа што имаат завршено соодветно образование и ги исполнуваат сите законски услови за да можат во соодветна постапка да бидат избрани за судии и јавни обвинители.

- Тие се уште не се избрани. Советот на јавни обвинители имаше распишан оглас, јас немам податок кој се има јавено на овој оглас, вчера разбрав дека Судскиот совет распишал оглас за пополнување на празни места во судовите во државата, рече Јовески.

Во однос на истрагата за ископаниот тунел во затворот ,,Идризово", Јовески рече дека се постапува, а заради фазата во која се наоѓа постапката, сите дејствија што Обвинителството и другите надлежни органи ги преземаат, во овој момент не може да се соопштат.

За предметот што го отвори ЈО за надзорот на Коридорите 8 и 10Д, Јовески рече дека Обвинителството во моментов ги презема јавно обвинителските потребни дејствија, а повеќе информации најави кога ќе можат да се соопштат дејствијата што ги преземаат. 

30.03.2023 - 12:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега