ЈОРСМ: Истрага за тешко загрозување на општата сигурност со пожар во Струмица
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица донела Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за обид да изврши – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Како што информираат од Јавното обвинителство, осомничениот вчера попладне, преку една социјална мрежа, се заканил на лице од Струмица дека ќе му ја запали викендицата, а потоа се обидел заканите да ги реализира.
-На локацијата брана Водоча се обидел да подметне пожар и да предизвика поголема имотна штета. Со запален факел од хартија и текстил ги запалил гредите на натстрешницата, кои започнале да чадат и да горат. Со тоа предизвикал ризик од пожар не само на објектот, туку и на повеќе други викенд-куќи и на нискостеблеста и високостеблеста вегетација во непосредна близина, посочуваат од ЈО.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори односно да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа