Градот Аомори, сместен на најголемиот јапонски остров Хоншу, важи за светски лидер по количина на снежни врнежи. Таму просечно паѓаат околу 7,9 метри снег годишно, а дебелата снежна покривка ги покрива улиците од ноември до април. Во текот на зимата, тротоарите се опкружени со високи наноси од снег и мраз, кои се зголемуваат со секое чистење.

Со обилни снежни врнежи се соочува и Сапоро, најголемиот град на островот Хокаидо, каде годишно во просек паѓаат околу 4,85 метри снег. Градот е светски познат по зимскиот фестивал „Јуки Мацури“, на кој секоја година се изложуваат импресивни скулптури од снег и мраз.

На брегот на Јапонското Море, градот Тојама бележи просечни годишни снежни врнежи од околу 3,6 метри. Според метеоролозите, екстремните количини снег се резултат на специфичната комбинација од клима, море и планински релјеф, поради што врнежите понекогаш траат со денови без прекин.

Јапонија го држи и светскиот рекорд за најголема измерена длабочина на снег. На планината Ибуки, во февруари 1927 година, биле регистрирани 11,82 метри снег – рекорд кој речиси еден век останува ненадминат.

Exit mobile version