Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста, нагласувајќи ја важноста од зачувување на слободата и суверенитетот на државата.
Тој посочи дека празникот го симболизира историскиот пат и континуитетот на македонскиот народ.
„Денес не славиме само датум. Денес ја славиме слободата што ја изборивме, државата што ја создадовме и татковината што со векови ја носиме во себе. На 8 Септември 1991 година, македонските граѓани одлучно ја избраа независноста и го потврдија своето право сами да ја градат својата иднина“, истакнува Јанушев.
Во својата празнична порака, Тој се повика и на редовите од класичната македонска литература како симбол на истрајноста.
„Од поколение на поколение, низ премрежиња, страдања и историски искушенија, Македонија опстојувала. Како што Петре М. Андреевски преку „Пиреј“ ја претставува силата на народот: „Племето наше е пиреј… Ништо не ја ништи таа трева.“ Тоа е и нашата сила, да истраеме, да не се откажеме од своето и да продолжиме да ја градиме Македонија како слободна, суверена, достоинствена и просперитетна држава“, наведува Јанушев.
На крајот, тој порача дека државата претставува заедничка одговорност за сите нејзини граѓани.
„Овој ден не потсетува дека Македонија е поголема од сите наши разлики. Таа е заеднички дом, заедничка одговорност и заедничка иднина. Да ја сакаме Македонија не само со зборови, туку со дела. Да ја чуваме не само за себе, туку и за оние што доаѓаат по нас. Нека биде вечна нашата Македонија. Нека биде вечна нејзината слобода. Нека биде вечен 8 Септември! Честит Ден на независноста!“, соопшти тој.


