Македонските ученици постигнаа пониски резултати од просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области — математика, читање и наука, како и во делот за решавање компјутерски проблеми, покажуваат резултатите од меѓународното оценување ПИСА 2025.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изјави дека резултатите се лоши, но нагласи дека тестирањата се спроведени врз основа на затекнатите состојби од претходните образовни политики.
„За жал, резултатите на ПИСА се повторно многу лоши, но сакам да потенцирам дека ова се резултати од реформите што се претходно направени. Ние на власт дојдовме во 2024 година, само шест месеци потоа во 2025 се направени овие тестирања“, изјави Јаневска.
Според податоците, 15-годишните ученици забележале пад по математика во споредба со 2022 година, додека постигнувањата по читање и наука остануваат на слично ниво. На тестот по математика, само 32 отсто од учениците достигнале основно ниво на познавање, наспроти просекот на ОЕЦД од 65 проценти. Во делот наука, 36 отсто ги совладале основните концепти, а ниту еден ученик не се искачил на највисоките нивоа. По читање, ниво 2 или повисоко постигнале 26 проценти од тестираните.
Јаневска направи споредба и со минатите циклуси на тестирање, посочувајќи дека подобар успех во читање и разбирање имало во 2001 година, додека највисоки резултати биле забележани во 2018 година, што според анализите се должело на тогашната реформа „Кембриџ“.
„Резултатите на оваа реформа, која во моментот се прави, ќе ја видиме тогаш кога овие ученици ќе наполнат 15 години, што значи некаде за 9-10 години. За жал, не станува збор само за програмите. Ќе мора да обрнеме многу повеќе внимание и на другите елементи што го сочинуваат образовниот систем“, рече министерката.
Коментирајќи го падот на перформансите на глобално ниво и влијанието на новите технологии, Јаневска посочи дека технологијата и социјалните мрежи влијаат врз фокусот на децата, но излезот го гледа во враќање кон традиционалните методи на учење во комбинација со критичко размислување.
„Но постојат и други тези дека целата општествена ситуација во одредени земји, глобалната ситуација, значително влијае. Сè уште не можеме да тврдиме дека само вештачката интелигенција дава сериозен придонес на ова. Можеби повеќе социјалните мрежи, неконтролираната употреба на телефоните и таблетите. Ќе се справуваме на класичен начин, она што постојано го промовираме: децата мора да научат да пишуваат и читаат на традиционален начин, да ги развиваат својата моторика и својот ум, а наставниците треба да ги научат како да ја користат технологијата во правец на критичко размислување, критичка анализа. Затоа и спомнав дека не е само еден елемент што влијае на резултатите“, додаде Таа.
Во однос на користењето мобилни телефони во за време на часовите, Јаневска истакна дека во огромен број училишта тие веќе не се употребуваат во текот на целиот ден.
„Децата ги оставаат телефоните во специјално направени направи за тоа – кутии или некакви платнени формати, каде што ги оставаат. Наставниците изречно го бараат тоа. Ги користат во исклучителни случаи и тоа само во оние училишта во кои сè уште нема обезбедено информатичка технологија да помогне во тоа“, заклучи министерката.


