Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.

Таа кажа и дека во подготовка се нови концепции за гимназиско и за уметничко образование, по што ќе следат нови наставни програми, нови учебници, нови испитни програми за државна матура, а кога ќе се сумираат искуствата, ќе се донесе нов Закон за средно образование.

„Во високото образование, кое има ниска ефикасност мерена преку проодноста и навременото завршување на студиите, ќе се зајакнат механизмите за обезбедување квалитет согласно европските стандарди, преку унапредување на агенциите за евалуација и за акредитација, а универзитетите треба да се насочат кон подобрување на релевантноста на студиските програми“, рече Јанева.

Таа кажа дека квалитетното образование се темели на добри наставници.

„Можете да имате најдобри наставни програми и најсовремено опремени училници, но ако нема добар наставник што нив ќе ги оживее, нема квалитетно образование. Затоа Педагошкиот факултет има незаменлива улога како образовна институција“, нагласи Јаневска.

Во рамки на факултетот функционираат три институти: за предучилишно образование, за одделенска настава и за библиотекарство, а се реализираат студии од прв, втор и трет степен.

Министерката Јаневска посочи дека за новата реалност обликувана од дигиталната трансформација и технолошките иновации потребни се наставници кои уште во раната детска возраст ќе постават цврсти основи за учење, знање, размислување, социјални и други вештини, што подоцна, низ воспитно-образовниот процес, ќе се развиваат и усовршуваат.

„Реформирајте ги постоечките програми. Одборот за акредитација ќе ве поддржи, а тој за евалуација ќе ви помогне да ги согледате предизвиците. Треба сите сегменти на системот на образование брзо да ги подобруваме, ако сакаме да го подигнеме квалитетот. Треба да ги зајакнеме капацитетите на воспитувачите и одделенските наставниците, а Педагошкиот факултет треба да се вклучи во процесот на нивна обука и професионален развој“, укажа министерката.

На панел дискусијата организирана по повод јубилејот, министерката Јаневска рече дека нашето образование во целина има простор за подобрување, и за таа цел во тек се реформи кои опфаќаат и промена на наставните програми и обуки за наставниците. 

Exit mobile version