Владата и Министерството за образование и наука (МОН) трета година по ред обезбедуваат навремена набавка и испорака на учебници за сите ученици, а процесот годинава е започнат уште порано во споредба со минатите две години.
Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска при денешната посета на ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, каде заедно со премиерот Христијан Мицкоски, директорот на Педагошката служба, Роберт Аџипетров и градоначалникот Дејан Митески извршија увид и во реконструкцијата на училишниот објект.
„Ценам дека конечно имаме стабилен систем за набавка и испорака на учебници и ова прашање кое го наследивме нерешено, е веќе апсолвирано. Одзеде време, но моравме да го надминеме како и секој друг проблему кој го затекнавме. Како Влада и министерство продолжуваме да се занимаваме со други аспекти на образованието во насока на подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес“, изјави Јаневска, повлекувајќи паралела со претходните седум години кога во одредени периоди воопшто немаше печатени учебници.
Годинава беа организирани обуки за училишните служби за правилно пополнување на електронската апликација за порачување на учебници. Целосно нови комплети за учениците од прво до трето одделение во тираж од околу 250 илјади примероци беа испорачани уште во април, а со постигнувањето пониски цени при печатењето во период од две години заштедени се околу 45 милиони денари.
Испораката за повисоките одделенија започнува наскоро.
„Во следните неколку денови ќе започне и испораката на учебниците од четврто и погорните одделенија во основно и средно образование. Нарачките се направени, учебниците се печатат по сите предмети, вклучително и оние по сите странски јазици кои ги немаше години наназад, а од лани ги има. Исклучок ќе бидат учебниците за деветто одделение и за трета година средно, бидејќи во овие одделенија согласно етапниот план за реформирање на образовниот систем, предвидено е следната година да се изработуваат нови наставни програми и аналогно на тоа и нови учебници“, рече Јаневска.
Директорот на Педагошката служба, Роберт Аџипетров, информираше дека годинава е забележан најголем поврат на средства по основ на оштетени или изгубени учебници, што покажува дека механизмот за одговорност профункционирал. Сите печатени учебници се достапни и во електронски формат на платформата e-ucebnici.mon.gov.mk.


