Проектот за доградување на двата објекта наменети за ФИНКИ, во близина на Ректоратот на УКИМ, е при крај и се очекува да биде завршен во ноември по што ќе биде распишан тендер за изведувач и да почне изградбата. Покрај двете згради што ќе ги добие Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, ќе се доградува и објект наменет за Факултетот за физичка култура (ФФК) за кој првично беше наменет еден од двата објекти кај Ректоратот. Овој објект ќе се гради на локацијата каде што и сега се наоѓа ФФК.
-Го видовме идејното решение. Проектот е пред крај. Дополнително, имаме донација од шпанската влада и експерт кој исто така учествува во работата за финиширање на овој проект. Јас очекувам проектот во ноември да биде комплетно готов. Штом ќе биде готов, веднаш ќе распишеме тендер за изведувач, односно да се почне со градба на овие две и на уште една, трета зграда – изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Машинскиот факултет по повод Европската ноќ на истражувачите.
Како што беше претходно соопштено, двете згради за ФИНКИ ќе бидат поврзани со мост. Јаневска потсети дека во изминатата година се работеше на репроектирање за да се направи современ проект за двата објекти, кои повеќе од 10 години стојат недоградени.
-Беа оставени на забот на времето. Мораше да се направи анализа со помош на факултетите од УКИМ – за што сум им благодарна, професорите работеа про боно. По таа анализа, ние распишавме повик за фирма за да направи нов проект – додаде Јаневска.


