Јаневска најавува реформи во образованието: Спојување на паралелките и нови можности за наставниците
Наставниците кои ќе бидат вишок по спојувањето на учениците во паралелки од по дваесет ученици, наместо како досега во паралелки од само неколку ученици, ќе им биде дадена можност да бидат ангажирани во додатна и дополнителна настава во училиштата, но ќе им биде понудено и да се вработат во просветните институции кои кубурат со кадар. Министерката за образование Весна Јаневска вели дека во 10 општини успешно е направена оптимизација со која малите паралелки се споени со оние во централните училишта, со цел сите учениците да добијат еднакви услови за образование, а во следниот период истото ќе се направи во уште 20 општини.
„Кога ќе направиме нормални паралелки, не паралелки од 10, 15 ученици туку ќе ги сведеме на 20 ученици, наставникот кој е вишок ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата на училиштето која опфаќа многу додатни предмети, изборни, воннаставни активности, други наставни активности, работа со деца кои имаат тешкотии во учењето, работа со талентирани деца, дополнителна настава, додатна настава, општествено корисни работи. Идејата е дека целиот пул а наставници треба да го искористиме за учениците да постигнат подобри знаења. Дополнително, познато е дека одредени институции во државата се со слаби човечки капацитети. Јас ќе ги набројам Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование имаат потреба од искусни, сериозни луѓе. Откога ќе направиме мали измени во законите, ќе им понудиме на наставниците да се префрлат во овие институции за да можат да дадат свој импакт во образованието “, рече денес министерката Јаневска.
Со спојувањето на паралелките министерката Јаневска смета дека учениците ќе добијат подобри услови за учење, ќе имаат поголем број различни наставници, ќе се социјализираат со врсници, а во исто време ќе се намалат трошоците за одржување на училиштата. Очекува резултатите што ќе ги постигнуваат да бидат исти со оние што ги постигнуваат учениците во Европската Унија.
Македонските ученици учат 900 часови помалку од просекот, вели претставничката на УНИЦЕФ
Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ, кој е партнер во спроведувањето на проектот за оптимизација на училиштата, вели дека има повеќе причини за слабите резултати на македонските ученици.
„Како што сите знаете во Северна Македонија има криза во учењето со слаби резултати на учениците според последното ПИСА оценување, односно над две третини од учениците имаат слаби резултати во читање, математика и во науки. Има многу причини за ова. Една од важните причини е тоа што учениците поминуваат малку часови во учење. Во основните училишта овде учениците имаат 900 часови помалку учење отколку ОЕЦД просекот“, рече Милер и нагласи дека реформи се неопходни и поради тоа што образовниот систем не го следи темпото на демографските промени.
Целта на реформите е да се подобри квалитетот на образованието подеднакво и за оние во урбаните средини, но и за оние ученици од руралните средини кои имаат само еден или двајца соученици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа