Јаневска: МОН ќе распредели 344 милиони денари за научно-истражувачки проекти и инфраструктура

 


Министерството за образование и наука ќе распредели 344 милиони денари на државните универзитети и факултети, јавни научни установи и на МАНУ за да ја унапредат научно – истражувачката инфраструктура, но и за да реализираат иновативни научно – истражувачки проекти. За оваа цел, објавени се два јавни конкурса на кои се аплицира електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, во рок од 45 дена.

На прес конференција денес, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска сподели повеќе информации околу условите за аплицирање и критериумите за прифаќање на поднесените апликации. Како што рече, дел од средствата се обезбедени во рамки на годинешниот буџет за наука кој е двојно поголем од ланскиот и изнесува 680 милиони денари, додека еден дел од парите за проектите ќе се исплатат во текот на следната календарска година, кога и треба целосно да завршат проектите што ќе се прифатат.

„Едниот конкурс е наменет за финансирање на 40 научно – истражувачки проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и Македонската академија на науките и уметностите. Од нив, 15 ќе бидат од подрачјето на природно-математички науки, инженерство и технологија, медицински и здравствени науки, земјоделски и ветеринарни науки. Понатаму, 15 проекти од подрачјето на општествени и хуманистички науки и 10 проекти во области од Стратегијата за паметна специјализација во насока на дигитална и зелена транзиција, односно паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електро-машинска индустрија, и одржливи материјали и паметни згради“, информираше Јаневска.

Посочи дека секој прифатен проект ќе добие буџет најмногу до 8 милиони денари, преку исплата со однапред утврдена динамика која ќе се заокружи најдоцна до 31 октомври 2026 година, до кога и треба да заврши имплементацијата на проектот. Еден апликант може да конкурира со повеќе проекти, но може да му бидат прифатени најмногу четири. Притоа, секој проект не смее да биде идентичен со некој што е веќе реализиран или тековно се спроведува.

„Вториот конкурс е наменет за распределба на средства на осумте самостојни јавни научни установи, кои вршат дејност од висок стратешки и национален интерес за државата. И тука, ќе се финансираат научно – истражувачки проекти со времетраење до најмногу две години, за што ќе се доделува поединечен буџет до најмногу 3 милиони денари, односно по 1,5 милион денари во 2025 и во 2026 година“, рече Јаневска.

Резултатите од двата конкурса ќе бидат објавени на веб страната на МОН, откако претходно врз основа на јасно дефинирани критериуми, ќе се направи рангирање на поднесените предлог проекти, од страна на посебни комисии формирани за спроведување на конкурсите.

„Сакам да напоменам дека предност добиваат проектите во кои главниот истражувач има објавено најмалку 2 трудови во списанија со импакт фактори во последните три години, како и главен истражувач кој има објавено најмалку 2 трудови во списанија евидентирани во меѓународни бази или списанија со меѓународен уредувачки одбор“, потенцираше министерката.

Таа ги повика научниците и научно – истражувачки работници вработени во јавните високообразовни и научни установи и во МАНУ, да се заложат за изработка на иновативни проекти и да ја искористат можноста за финансирање на нивна дополнителна активност на научното поле во кое работат.

„Науката добива зголемена поддршка од Владата. Финансираме за да ги поддржиме научниците во личниот развој, но и заеднички да придонесеме во развојот на државата, во која образованието и науката треба да бидат основни двигатели“, рече министерката, додавајќи дека многу скоро ќе биде објавен и трет повик исто така за проекти поврзани со имплементација на Стратегијата за паметна специјализација на државата.

25.04.2025 - 13:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега