Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Христијан Мицкоски, доколку тој одлучи да има реконструкција на Владата и таа биде сменета од ресорот што го предводи.

На новинарско прашање дали ќе остане во ресорот образование или ќе раководи со друг, Јаневска одговори дека одлуката за сите предлози за членови во Владата ја носи премиерот заедно со партиските органи.

„На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, рече Јаневска.

Министерката одговараше на новинарски прашања пред отворањето на конференцијата „Науката како патоказ во време на промени“.

Exit mobile version