Министерството за образование и наука привремено ја стопира наставната програма за изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование во средните училишта за да изврши целосна проверка на содржините.

Одлуката следува по претходните реакции во јавноста за овој предмет, кој беше понуден како опција за сите четири години од средното образование.

„Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки. Инаку, во програмата има теми: семејство, има заштита од сексуално преносливи болести, има заштита од несакана бременост, има рамноправност на половите, има тема за недискриминација меѓу половите. Но, повторувам, веќе го замолив Бирото за развој на образованието, оти јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа“, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Таа нагласи дека научните докази покажуваат придобивки од ваквото образование кај средношколците, но истакна дека министерството мора да ги земе предвид сите сугестии од граѓаните.

„Меѓутоа, должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем“, додаде Јаневска.

Exit mobile version