Денеска (16.10.2026) во Скопје, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, се обрати на работилницата на тема „Истраги за компјутерски криминал“, организирана и реализирана со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, на која учествуваат полициски службеници од централните и регионалните служби во состав на Бирото за јавна безбедност.
Во своето обраќање, директорот Јанев истакна дека во услови кога дигиталниот простор станува поле на нови безбедносни предизвици, а хибридните закани и компјутерскиот криминал бараат сè пософистицирани истражни пристапи, континуираното унапредување на знаењата, размената на искуства и навремената размена на информации се од суштинско значење за ефикасна борба против криминалот.
Тој нагласи дека преку соработката со Федералното истражно биро (ФБИ) се унапредуваат професионалните капацитети на македонската полиција, се разменуваат искуства за современите истражни методи и се зајакнуваат способностите за откривање и истражување на компјутерскиот криминал, како и за обезбедување дигитални докази од онлајн платформите.
Директорот Јанев упати благодарност до Амбасадата на САД во Скопје, американското Министерство за правда (Department of Justice) и програмата ICITAP за континуираната поддршка, споделеното знаење и партнерството, кои придонесуваат за конкретно унапредување на капацитетите на македонската полиција.
„Нашата цел е јасна – поддршката од партнерите да ја преточиме во трајни знаења, сопствени капацитети и одржливи решенија. Како Министерство, сè повеќе ќе инвестираме и со сопствени буџетски средства и со нашите човечки и професионални ресурси во модернизацијата и јакнењето на полициските капацитети. Само така можеме да изградиме отпорен, ефикасен и одржлив безбедносен систем, подготвен да одговори на денешните и идните закани“, истакна директорот Јанев.
На крајот од обраќањето, директорот Јанев потенцираше дека меѓународното партнерство, споделеното знаење и заедничкото градење капацитети се основа за јакнење на меѓусебната доверба, подобра превенција, навремена реакција и обезбедување поголема безбедност за граѓаните.


